Што кога не знаете што да направите со вашата иднина и избор на професија?

0

Дипломирав! А што потоа? 

Од деца сте сонувале да бидете доктори, правници, архитекти или психолози. Сте го одбрале тој пат и стигнавте до крајот на студирањето. Но, што доколку не ви се допаѓа повеќе таа професија? Што доколку не знаете што понатаму?

Не паничете, веројатно не сте единствени. Немојте да си ставате притисок на себе и да се ограничите дека мора да ја изберете таа професија, само бидејќи држите диплома во рака. Дури и доколку се уште избраниот правец е ваша страст, сосема е нормално да се чувствувате како “новороденче“ , да се чувствувате како да не сте извлекле никакво знаење од сите години студирајќи.

Истражете ги вашите можности
Доколку се чувствувате изгубено и не знаете дали воопшто сакате да работите во областа што сте ја избрале за студирање, прво нешто што треба да го сторите е да ги истражите сите можности. Искористете ги можностите на 21-виот век и пребарајте ја секоја можна работна позиција која е поврзана со областа која сте ја изучиле. Доколку не се пронајдете и не можете да се замислите во ниедна од тие позиции, тогаш…

…Истражете се себе си
Земете лист хартија и направете листа на сите ваши способности. Креативни сте? Добри сте во комуникација со луѓе? Имате изразени организациски способности? Сакате броеви? Кои се вашите интереси? Почнете оттука.

Не плашете се да се обидете
Немојте да дозволите стравот од неуспех да ве парализира, бидејќи тогаш неуспехот ви е загарантиран. Дури и доколку најдете професија во која може да се пронајдете, никој не знае со сигурност дека тоа ќе го работите засекогаш. Никогаш не е доцна за промена. Луѓето учат и се надоградуваат во текот на целиот свој живот.

Посетувајте обуки
Сигурно додека го прелистувате ѕидот на вашиот facebook профил сте налетале барем на една објава за некој курс, тренинг центар или работилница за личен развој. Ништо нема да загубите доколку кликнете на тој линк. Вложете во себе си и видете тоа каде ќе ве одведе.

Не потценувајте
Према угостителските професии гледате со потсмев? Можеби ја правите најголемата грешка во животот и несвесно си ги затворате вратите за вашата иднина. Не е срамота да продавате алишта, да возите такси или да служите храна, се додека парите ги заработувате чесно. Одлуката дали тоа ќе го правите привремено или ќе го претворите во своја “кариера“ е само ваша. Никогаш не знаете патот каде ќе ве одвете и дали ќе запознаете личност што ќе го смени текот на вашата иднина. Никој не гарантира дека тоа ќе се случи, но шансите се сигурно поголеми отколку да седите дома. Ако не ништо друго, ќе стекнете работна навика.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот