Што ќе се случи со детето ако премногу го врзете за себе?

0

Пред да пристигне на свет, бебето со неговата мајка го дели телото и чувството дека тие се едно. Тоа чувство трае некое кратко време и по раѓањето. Потоа, бебето полека влегува во фазата на сепарација, а тоа се случува кога почнува активно да го запознава светот надвор од неговата мајка – тоа е фазата кога почнува полека да се движи, ползи, истражува. Тогаш за прв пат кај детето се појавува свест за себеси.

За да може оваа фаза да биде успешна, родителите на детето треба да бидат свесни за одвојувањето, прифаќајќи ја неговата природна потреба за оддалечување, односно детето мора да ја види и почувствува топлината и одобрувањето во очите на неговата мајка. За да може да се раздели и да го истражи светот, тоа мора да знае дека Мама, секогаш со љубов, ќе биде присутна за него и секогаш, кога и да посака да се врати, ќе го дочека со широко раширени раце.

Симбиотичка врска се јавува кога природните потреби на детето за сепарација се разнишани. Ова се случува кога мајката има отворени или прикриени негативни реакции на знаците кои се јавуваат како последица на излегување на детето од симбиоза. Претерано загрижените мајки, таквото детско однесување го прифаќаат како многу страшно, бидејќи кога детето ќе се оддалечи, мајката повеќе нема да може да го заштити.

Мајките кои самите не ја совладале оваа врска во својот живот, го наоѓаат својот изгубен рај, нивното конечно исполнување и значењето на безусловна љубов со своето бебе. А кога детето започнува да се одвојува од својата мајка, таа повторно се соочува со страв од напуштање и осаменост.

Реакцијата зависи од нејзиното ниво на развој: емоционално незрелите мајки отворено ќе негодуваат, емотивно се дистанцираат или ќе го казнат обидот на детето да се оддели, додека некои зрели мајки ќе се обидат да го поттикнат оддалечувањето, но сепак кај детето ќе се јави очај, како резултат од одвојувањето.

Премногу приврзаните деца, се подготвени да ги остават своите потреби на страна и постојано да им удоволуваат на родителите. И така тие, ќе се откажат од својата љубопитност, авантуризам, независност, чувството дека можат сами, па дури и од уживањата во самостојното дејствување, се со цел да го зачуваат односот и љубовта на родителите.

Од друга страна, емпатијата, грижата за другите, идентификацијата со другите, задоволување на другите, зависноста од односите со другите и лојалноста ќе бидат поддржани и овие способности ќе се развиваат во голема мера кај детето. А како зрела личност, кон родителите ќе чувствува должност, вина и товар дека треба да им се оддолжи.

Идентитетот кај овие личности никогаш не е целосно изграден, бидејќи на детето не му било дозволено да развие независна личност, различна од родителот. Детето на тој начин расте во возрасна, многу чувствителна личност на потребите и барањата на другите, кому целиот живот се врти околу односите. Тој нема да знае точно што му е потребно, но одлично ќе ги „чита“ другите околу него, ќе им даде сè што ќе им биде потребно за да се чувствуваат добро. И не само тоа, несвесно ќе се прилагодува на потребите на другите развивајќи се токму во она што другите очекуваат да биде.

Бидејќи задоволувањето на (самостојните) потреби, автентично задоволство, среќа и самостоен успех е одбележано од родителите како себично, како последица се раѓа чувство на вина кога тие чувствуваат. Исто така, тешко им е да сами да започнат било што и без одговорност од надвор (кон некој или нешто), да го завршат она што го започнале.

Кога ќе останат сами со себе, честопати чувствуваат вознемиреност и анксиозност, и бараат излез во разни активности само да не се соочат со страшната празнина од сопственото незадоволство.

Во ставовите, активностите со кои се занимаваат и.т.н повеќе имаат удел значајните личности од нивниот живот (семејство, партнер, пријател) отколку што таа одлука е нивен личен избор.

Емоционалната состојба на луѓето околу нив премногу им значи, како да нема разлика помеѓу она што го чувствуваат другите и самите тие.
Така што нивната емоционална рамнотежа многу зависи од другите и поради тоа се лесно раздразливи.

Исто така, се соочуваат со потешкотии кога треба да кажат не, а тоа се јавува заради несвесните и понатаму присутни детски фантазии, дека со нивниот личен избор ја повредуваат другата личност.
Се јавува чувство на одговорност за чувствата и расположението на другиот (партнерот), а со самото тоа и чувството на вина и страв кога другата личност не е задоволна (тие често мислат дека тоа има врска со нив и нивниот однос).

Со саканата личност односот може да функционира добро се додека ги делат истите интереси, потреби и вредности.

Се појавуваат проблеми кога се во прашање изборите, интересите и успесите на партнерот кои немаат никаква врска со нив и ги доживуваат на некој начин како повреда или проблем. Слично на тоа, ако самите пронајдат среќа или се стекнат со успех надвор од врската со партнерот, чувствуваат вина – како нивната среќа да е стекната / добиена на конто на другиот.

Во љубовта се растргнати помеѓу стравот од напуштање на саканата личност и стравот дека во таквата врска ќе бидат „угушени“. Помалку е присутна и несвесна лутина кон партнерот кој не ги „чита“ добро нивните потреби, а многу често ни самите тие не знаат кои се.

Чувствата со кои најчесто се соочуваат овие луѓе се анксиозност и вина. Кога ќе се јави чувство на опсаност од одвојување, анксиозноста преминува во паника – заради чувството дека ќе останат сами без поврзаност и поддршка, празнина, очај, како и застрашувачка осаменост и голема тежина да започнат било каква активност сами. Многу им е тешко да се грижат за себеси.

Зборови кои треба да ги чујат: “Имаш право да се одвоиш и да си свој. Имаш право да мислиш на себе. Можеш да одбереш да ги задоволиш своите потреби, без обзир на тоа што мене во моментот ми е потребно. Ќе ти дадам поддршка така што ќе бидам покрај тебе секогаш кога ќе ти бидам потребен, но нема да ти се мешам во твоите активности.”

Кога ќе го утврдуваат нивниот идентитет, стравот од одвојување и потребата за симбиоза ќе се намали.

Целта на терапијата е да се развие чувството за себеси (кој сум јас?) И – Како да го најдам мојот вистински внатрешен глас. Неопходно е да се види дека изразот на вистинското Себе може да биде поддржан – понекогаш тоа бара појава на меѓузависни односи и нови луѓе кои знаат да сакаат, но и имаат јасни граници, кои не треба да се грижат за нив, и на кои одговорот НЕ е здрава себичност, а не повреда.

На овие луѓе најмногу им е потребна здрава себичност – односно да се грижат за своите потреби кои можеби не вклучуваат никој друг и да си дозволат да бидат среќни.

Автор: Тамара Видовиќ
Извор: zelenaucionica.com

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.