Што го намалува ризикот од рак на дојката

0

Жените кои водат здрав начин на живот можат да го намалат ризикот од агресивен рак на дојката, без оглед на тоа дали оваа болест постоела во семејството.

Ова го вели Д-р. Роберт Гремлинг, професор на Универзитетот во Рочестер, кој е главен истражувач во оваа клиничка студија, а чија цел е да докаже дека здравите прехрамбени навики се многу важни за сузбивањето на оваа болест.

Според него, здравата исхрана помага дури и кај жените со генетски предиспозиции да заболат од оваа болест.

Претходно се сметало дека не може да им се помогне превентивно на жените што имаат „семејно наследство“ во однос на ракот на дојката.

Истражувачите анализирале податоци добиени од 85.644 жени кои биле во пост менопауза. Сите тие учествувале во клиничка студија што ја организирал Националниот институт за здравје на САД.

Споредбата се вршела кај жените што имале семејна историја на рак на дојката и кај оние што немале никој во семејството заболен или починат од оваа болест.

Изненадувачки резултати се појавиле кај двете групи жени, каде што со здрав начин на живот и исхрана, ризикот за заболување од оваа болест се намалил за 25%.

А под здрав начин на живот се подразбира редовно вежбање во траење до 20 минути најмалку пет дена неделно, помалку од 7 чашки алкохол неделно и телесна тежина со индекс на телесна маса во распон од 18,5 до 24,9.

Оваа студија не ги вклучила жените што претходно имале рак на дојката или жените во чие семејство од оваа болест заболела жена помлада од 45 години.

Знаејќи го сето ова, имајќи ги предвид сите показатели за здрав начин на исхрана, дури и да немате генетски предиспозиции за заболување од оваа болест, сепак придржувајте се до здравиот начин на живот – редовно вежбање и помалку алкохол.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот