Што доколку детето е сведок на расправии помеѓу брачните партнери?

0

Покрај останатите фактори кои влијаат врз здравиот емоционален развој на детето, темелите се поставуваат токму во внатрешноста на семејството. Што доколку детето е сведок на домашни расправии помеѓу сопружниците?

Дури и доколку темата на расправија е околу секојдневните домашни обврски, треба да се внимава на она што се случува во присуство на детето, а причините за тоа се многу едноставни.

Децата уште во раните години имаат изразена интуиција и можат да ја осетат негативната енергија што струи низ воздухот. Тие ги земаат своите родители како модел по кој ќе се обликуваат и водат. Сите наши реакции, ставови и вредности кои ги поседуваме како возрасни индивидуи се резултат на сето она што сме го наследиле од родителите во текот на нашиот развој. Затоа е многу важно да се внимава на што вашите деца сведочат позади затворените врати на вашиот дом.

Многу родители живеат во илузија дека детето е премногу мало и не знае за што се разговара и дека наредниот ден тоа ќе заборави што видело или слушнало. Доколку го повишувате тонот на гласот ако садовите не се измиени или ручекот не е готов, на децата им пренесувате порака дека е тоа сосема нормално и во ред. Дека така треба. Потоа тие тоа несвесно ќе го применат во нивниот иден дом, нарушувајќи ја хармонијата. Доколку дозволите децата да се најдат во средина на бурата во која вашиот брак се наоѓа, без разлика на нивната возраст, тие ќе ги почувствуваат последиците. Можеби тоа нема да се одрази на нивниот развој веднаш, но со сигурност ќе остави трага.

Тие расправии можат да бидат причина за неможноста децата во иднина да воспостават нормална емоционална конекција со други луѓе. Можат да бидат причина за неоснована недоверба према луѓето или да поттикнат нестабилност во личноста.
Постојат безброј надворешни влијание врз кои вие како родители нема да имате контрола, но искористете ја можноста да го промените она за што имате можност да го сторите подобро.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.