Сте почувствувале некогаш како да сте во деловен брак?

0

Колку сте блиски со колегите на работа? Имате ли „сопруг“ или „сопруга“ во канцеларијата?

Ако само малку размислите, ова и не е толку лоша работа… Секако, станува збор за луѓе со кои работите секој ден, а кои ви се толку блиски, што навистина чувствувате дека делите сè, дека можете да си кажете сè, дека заради нивното присуство во канцеларијата работата секогаш ви е полесна, ви оди побрзо…

Во овој случај не станува збор за сексуална привлечност, ниту пак за романтична поврзаност. Вашиот деловен сопруг или сопруга се всушност луѓето кои ќе ви понудат прибежиште и разбирање кога имате проблеми на работа. Всушност, тоа се луѓето кои можат да ви понудат утеха и совет дури и кога имате проблеми дома и немате со кого да ги споделите.

Едно неодамнешно истражување, во коешто учествувале 276 работници, а кое го спровеле професорите Чед МекБрајд и Карла Мејсон, од Универзитетот во Небраска покажало дека 30% од вработените луѓе имаат близок колега со кој може да се рече дека се во „деловен брак“.

Овие колеги си се толку силна поддршка и имаат толкаво разбирање, што некој навистина и ќе си помисли дека станува збор за вистински животен партнер. Тие знаат сè за себе – родендените на децата, омилената храна, музика, филмски вкус, до каде е со исплатата на кредитот, интимни разговори со сопругот/сопругата, буквално сè, исто како најдобрите пријатели од детството.

Сепак, 40% од луѓето на кои им бил предложен изразот „деловен брак“, веднаш го одбиле како нешто непристојно и навредливо за нивниот однос со колегата.

Разликата помеѓу ова и вистинскиот брак е што деловниот брак трае само во текот на работната недела и само во текот на работното време. А бидејќи овие луѓе толку добро се познаваат и надополнуваат, МекБрајд смета дека нивната поврзаност во голема мера влијае и на зголемената продуктивност.

Испитувањето, дополнително покажало дека луѓето кои работат во средина што не ја сметаат за пријатна или удобна не се продуктивни во работата, а дека оние кои имаат убави односи со колегите секогаш покажуваат подобри резултати.

Како би го окарактеризирале вие односот со колегите во работната средина? Постојат ли луѓе кои ви се навистина толку блиски што можете да ги наречете свои „деловни сопружници“? Дури и да не ви се допаѓа овој термин, запомнете, сè е во блискоста – вашата креативност, вашата продуктивност и вашето расположение на работа.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот