Среќно место – што е тоа и како да стигнете таму?

0

Луѓето упорно се трудат да ја најдат среќата, како некое скриено богатство за кое немаат мапа. Многупати сум слушнала колку е тешко да се биде среќен. Зошто? Што е потребно за да бидеш среќен? Каде се наоѓа тоа мистериозно среќно место кое сите гладно го бараат и посакуваат?

Тоа се секојдневни прашања кои и мене ми поминуваат низ глава и знам дека не сум единствена. Нормални мисли кои ретко кој има храброст да ги каже на глас. Да, среќно место навистина постои и можеш да стигнеш таму, но тоа е пат кој мораш да го изодиш сам. За некој тоа е утринско кафе, за некој стара фотографија која буди убави спомени. За некој тоа е личност. А за некој тоа е буквално и конкретно место, како некоја песочна плажа или висока планина. Среќно место имаме сите ние во нас. И не мора да биде едно место на кое одиме постојано кога сме тажни за да се расположиме. Тоа е состојба на умот. Мир и спокој кој е толку блиску дофатлив, а постојано го одминуваме.

Ако прашате човек на улица, што е тоа што го прави среќен, веројатно многу ќе се замисли пред да ви даде одговор. Тоа е така бидејќи човекот вложува многу повеќе енергија во борбата со негативните емоции , отколку што ужива во малите среќни моменти кои ги доживува секојдневно. Не можете да добиете мир ако од нешто барате премногу, а од друго премалку. Прифатете ги негативните емоции и лошите, болни ситуации во кои сте се нашле. И тие се човечки. Но, немојте во тој процес да се изгубите себе си. Сѐ што треба е да обрнете повеќе внимание на тоа што е околу вас.
Погледнете кон небото и забележете ги сите забавни облици кои еден облак е способен да ги создаде. Насмевнете се што сте биле дел од тој момент. И тоа е среќа.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.