Срце полно празнини…

0

Вчера видов Facebook пост кај еден пријател кој ме инспирираше да ја напишам оваа приказна, за која се надевам дека ќе им помогне бар на неколкумина да ја пополнат својата празнина со енергија која несвесно ја одбиваат.

Живееме во свет во кој љубовта губи смисла… Најчудно од се е тоа што сите се свесни за тоа, сите сакаат искреност кај другите луѓе, а прво не се искрени сами кон себе.

На голема жалост секоја вечер во кафулињата, баровите може да се забележат сами луѓе со убави насмевки. Иако изгледаат весело, прашањето е дали се чувствуваат така, дали нивното срце е полно со љубовна енергија или полно со празнини?!

Едноставно не знаат што сакаат, дремат сами, се жалат еден на друг како некој и со што ги изиграл во животот, како се веќе изгорени и не сакаат да им се доближи никој и ред други работи. Сите луѓе не се исти, како што сите прсти на раката не ни се исти.

срце 3

Од друга страна, ги генерализираат сите и го прегазуваат она што животот може да им го понуди како следна шанса, каде моменталната насмевка можеби ќе им се претвори и во вистинска насмевка.

Убави девојки, убави момци, секој на своја страна и секој за секого раскажува кој колкав идиот е и ред други погрдни зборови со кои се навредуваат машко – женскиот пол меѓу себе.

Не можам да го разберам ова модерно време кое сите меѓусебно емотивно ги повредува, а сепак луѓето ја тераат таа мода.

Сакате да бидете сакани, сакате да сакате, сакате да се сакате, а сепак сакате да сте сами!

Едноставно не го разбирам…

Станува збор за его! Што е тоа его? Нешто што ви ја храни душата, а истовремено ви ја труе, е токму тоа е его што ве гази без да забележите .

На некое момче му се допаѓа некоја девојка и обратно и двајцата сакаат да бидат заедно, но модерното време на нездрав флерт и модерно куртизанство на врски без обврски не го дозволува тоа. Се срамат да се сакаат и да бидат среќни, бројат кој колку ќе има во животот… Дали сметате дека тоа е успех, а притоа си ја коцкате среќата, да имате партнер со кој што ќе отидете заедно во кино, на кампување, на јавање коњи, ќе возите велосипед, ќе се радувате, едноставно вашето срце да биде полно со љубов и со вистинска насмевка да блеска вашето лице.

срце2

Доколку некој ви подари рака имате опција да ја прифатите или да ја одбиете. Ако сметате дека тоа не е соодветна личност воопшто не ја ни допирајте таа рака, но ако сте сигурни земете ја, но не со резерва и по неколку дена да дојдете и да кажете ова е комплицирано за мене, комплицирано ми е да сум со некој, пу пу не важи ништо.

Никој на овој свет не заслужува да си поигрувате со неговата личност. Ако вие не знаете да ја почитувате другата страна не знаете да се почитувате себеси и она што животот ви го подарува.

Со вакво однесување ќе бидете само како обичен Кловн кој кога ќе се погледне во огледало има тажни очи и намуртено лице, а во себе си вели “Тежок е животот ако немате со кого да се радувате”, па си ја нацрта насмевката и отиде да биде “среќен” меѓу останатите.

Сигурно се сеќавате на оваа силна детска изјава каде момчето му вели на девојчето “Те сакам” , таа го прашува “Како возрасните? , а момчето на ова прашање и одговара “Не така, вистински те сакам”

Сакајте искрено како децата, а бидете возрасни!

Бранкица Анѓелевска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.