Создади свој личен соновник

0

„Соништата се огледало на нашата потсвест“ –фраза која сигурно сте ја слушнале многупати во животот. Сепак повеќето луѓе ги игнорираат своите соништа.Мозокот преку соновите всушност ни праќа порака за нашите потиснати емоции, можни решенија за секојдневните проблеми за кои не сме ни свесни во текот на денот.

Еден од наједноставните начини да дознаеме која порака всушност ни ја праќа сонот е водењето на „личен соновник“, односно дневник за соништа, каде што можете да ги запишувате вашите искуства од соништата веднаш по будењето.

Овој начин нуди уникатна и поразлична можност да се соочиме со нашите секојдневни немири и навидум неважни проблеми. Иако водењето на ваков вид дневник не е ретка појава во светот, сепак некои луѓе никогаш не би помислиле на оваа можност.

Добрата вест е што за создавање на личен соновник не постојат правила и се што ви е потребно за почеток е една празна тетратка и пенкало.

Седум чекори како да создадете свој личен соновник:

1. Откако ќе купите тетратка за оваа намена, погрижете се таа да се наоѓа блиску покрај вашиот кревет за да можете веднаш да запишете што сте сонувале.

2. Пишувајте во „сегашно време“. Ставете се себе си во моментот на случувањата како да сте сеуште таму, бидејќи на тој начин ќе му помогнете на вашиот мозок да се сети на сите детали.

3. Размислете и напишете што повеќе за локацијата на која што се случувало дејствието во сонот, луѓето кои биле присутни, како и мирисите, звуците и емоциите кои сте ги доживеале.

4. Игнорирајте ја потребата да анализирате додека пишувате, бидејќи така ризикувате да заборавите некој важен детаљ.

5. Не се грижете за граматички правила и лош ракопис. На крајот секако само вие ќе бидете читател на вашето дело.

6. Откако ќе завршите со раскажување на сонот, некој ред подоле наведете актуелен проблем што ве измачува во тој период. Така отпосле полесно ќе можете да ги поврзете деталите од сонот со реалниот проблем.

7. Напишете наслов на конкретниот сон по кој ќе знаете за кој сон се работи. Тоа може да биде дури и еден збор кој само вам ќе ви даде смисла и асоцијација. Може да биде и во форма на цртеж.
Колку почесто ги запишувате соништата, толку е поголема веројатноста дека ќе ги запамтите следните соништа. Сепак не се трудете да пишувате секое утро и да се напрегате да се сетите што сте сонувале. Не е секој сон значаен и поврзан со актуелните настани во нашиот живот.

Освен практична, дневниците за соништа имаат и терапевтска намена, но запамтете дека покрај тоа што е здрава и корисна навика, запишувањето на соновите е пред сѐ ЗАБАВНО.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот