Совети од месарите: Како да одберете свежо и вкусно месо

0

Без разлика дали купувате во големите трговски центри или во месарница, на крајот на денот ќе се запрашате дали го одбравте најдоброто парче месо.

Во последно време има многу недоумици околу тоа дали јадеме квалитетна храна, па затоа, ви откриваме како да воочите разлика меѓу неисправно и свежо месо.

Пред сѐ, свежото месо има изедначена боја, а тоа најчесто е знак и за добар квалитет. Сепак, наместо секој пат да ја анализирате бојата и изгледот на парчето, можеби најдобро ќе биде да се спријателите со касапот.

Во секој случај, следува краток совет како да одберете квалитетно свежо месо според видот и категоријата на животното од кое што потекнува.

Пилешко месо

Свежото пилешко месо треба да има свеж мирис и светла боја. Во никој случај не смее да има потемни површини околу коските бидејќи тоа е знак дека е старо. Ако коската кај белото месо е мека и лесно се витка, тоа е знак дека станува збор за младо пиле.

Свинско месо

Кога купувате свинско месо водете сметка да биде со светло-розова боја . Тоа е знак дека е свежо. Потемно црвена укажува дека парчето е постаро. Текстурата на месото треба да биде цврста и мускулеста, а никако леплива и со сиви пребојувања.

Најмногу измами има кај меленото месо

Во него не знаеме што сѐ би можело да има издробено. За да ги избегнете сите недоумици избегнувајте да купувате готово изложено мелено месо. Во него никој не може да ви гарантира колку навистина има месо. Секогаш побарајте месарот, пред вашите очи, да го сомеле парчето што вие сте го одбрале од витрината. Ова можеби е малку поскапа варијанта, но секако е најбезбедна.

Јунешко Месо

Ако јунешкото е свежо веднаш ќе ви падне во очи убавата црвена боја и рамномерна и цврста структура. Треба да биде прошарана со ситни, но не и дебели жилички. Грубите и жолти масни жили упатуваат на заклучок дека тоа месо е веројатно од постаро грло.

Ако забележите сиви полиња, посебно во средината на парчето, знајте дека тоа е со сомнителен квалитет.

Јагнешко месо

Свежото и квалитетно јагнешко месо има розова боја, а самото парче треба да биде цврсто и еластично. Кога ќе го притиснете со прстот веднаш ќе се врати во првобитната положба. Овој вид месо има специфичен мирис, а дали парчето претходно било замрзнато ќе препознаете токму по тоа што мириса помалку од свежото или пак, воопшто нема мирис.

 

Подготви: Др. Тарот

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот