Сонувајте, бесплатно е!

0

Најубавата работа која секој од нас може да си ја дозволи, а е сосем бесплатна е сонувањето. Не мислам на она кога потонуваме во светот на соништата низ свилените чаршафи и меките перници, туку она со отворени очи.

Убаво е човек да сонува. Соништата се исполнуваат. Да не е така, зошто инаку би сонувале…Убаво е човек да сонува за песок меѓу прстите, мирис на сол, егзотични коктели и тропски температури сред зима.Убаво е човек да сонува за големи нешта, за сите оние врвови кои секој од нас може да ги достигне додека вдишува кислород.

e7bc1c3c-1746-4a19-9049-d889ed4211f7

Убаво е човек да сонува за најбајковитата љубовна приказна. Да, тие се случуваат. Секогаш, насекаде… Можеби токму една се случува токму во оваа секунда, некаде низ светот.

Сонувајте за убави работи. Наутро додека пиете кафе, на пауза од на работа, попладне додека ве напаѓаат дремки, навечер додека ги облекувате омилените пижами.

Сонувајте за надеж и вера! Нештата без кои немаше да бидиме силни, нештата кои се основниот порив за борба со судбината.

Сонувајте за љубов! Уште поголема од онаа сега… Затоа што љубовта е она што нѐ прави почовечни, подобри и поубави во очите на другите.

Сонувајте за човечност! Знам дека еден ден ќе ја има во поголеми количини и ќе покажеме дека со обврска сме на овој свет, обврската да бидиме љубезни и хумани.

Сонувајте за се она што сакате да го имате… Чувајте си ги соништата на некое убаво и топло место во душата, полевајте ги со надеж, грижете се за нив, ветете им дека заедно ќе ги направите реалност.

Соништата се исполнуваат, само треба силно, многу силно да верувате во нив и да им дозволите да ве однесат таму каде што сакате да сте, баш онакви какви што секогаш сте сонувале.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.