Со притискање на овие точки на телото до подобро расположение

0

Живееме во време исполнето со стрес, немир, тежина кои секојдневно влијаат негативно на нашето расположение. Ако сме долго време изложени на овие негативни состојби, тоа може да предизвика срцеви заболувања, депресија, дијабетес, висок крвен притисок, хронична несоница.

Истовремено, ваквите состојби го влошуваат квалитетот на животот. Но, на телото постојат точки кои доколку ги притиснете или масирате, можат да ги намалат стресот, раздразливоста, напнатоста.

Овие точки ги знаат мајсторите на акупресурата, но лесно можете да ги најдете и самите, со малку вежбање. Со делување врз нив ќе го поттикнете протокот на енергија и ќе ја намалите напнатоста на телото.

Започнете со медитација

Тежината и немирот може да се резултат на напнатост, на размислување за тоа како да се решат проблемите. Затоа првиот чекор на акупресурата е опуштањето, односно медитацијата. Седнете на подот со прекрстени нозе и исправен грб. Опуштете ги рамената. Затворете ги очите и дишете длабоко – вдишете низ нос, издишете низ уста. Медитирајте на овој начин барем 5 минути.

Точки за акупресура

За да постигнете максимални резултати со акупресурата, важно е да се опуштите, да ги затворите очите, да дишете длабоко и рамномерно. Ова се точките на телото кои треба да ги стимулирате за да ги намалите стресот, напнатоста и тежината.

Точката PC6

За да ја пронајдете оваа точка, ставете ги показалецот, средниот прст и до малиот прст веднаш под дланката. Местото каде што се наоѓа врвот на показалецот е местото каде што се наоѓа акупресурната точка. На тоа место ставете го палецот и притискајте силно додека не почувствувате мала непријатност (но не и болка). Масирајте го тоа место 2-3 минути. Повторете ја постапката и на другата рака. Оваа масажа го смирува телото, ја намалува главоболката.

Точка HT7

Оваа точка се наоѓа на местото каде што се спојуваат дланката и зглобот, под линијата на малиот прст. Притиснете ја оваа точка и масирајте околу 2 минути. Тоа го ублажува емоционалниот дисбаланс, стравот, заборавеноста, а ја поттикнува и циркулацијата.

Точка K1

За да ја најдете оваа точка, свиткајте го коленото и префрлете го стапалото на десната нога преку левото колено. Ставете го палецот помеѓу вториот и третиот прст на табанот, па повлечете замислена линија преку стапалото додека не ја прејдете првата третина од должината на стапалото. Тука се наоѓа акупресурната точка за опуштање. Притиснете ја со палецот, а потоа масирајте 2-3 минути. Повторете го истото и на другото стапало. Оваа масажа ги намалува несоницата и напнатоста во телото.

Точка TW15

Се наоѓа на врвот на грбот, под двете рамена, на средината помеѓу вратот и надворешната страна на рамената. Може да се стимулира со врвовите на прстите. Додека го масирате ова место дишете длабоко. Оваа акупресура ја намалува нервозата.

Трето око (GV24.5)

Оваа точка се наоѓа меѓу двете веѓи. Затворете ги очите, спојте ги дланките и со показалецот и средниот прст нежно масирајте околу 1 минута. За подобар ефект, правете кружни движења со прстите. Оваа постапка го смирува целото тело, работата на срцето, ги намалува главоболката и вртоглавицата, но и заморот во очите.

Точка CV17

Се наоѓа на средината на градната коса. Со палецот притискајте го ова место околу 1-2 минути и истовремено дишете бавно, рамномерно и длабоко. Оваа акупресура ја смирува работата на срцето, ја намалува депресијата и помага кај астма и кашлица.

Масажа на ушите

Не постои точно одредена точка на ушите, но можете благо да ги масирате со палецот и со показалецот неколку минути. Масирајте ги и ресичката и ушната школка. Веднаш ќе почувствувате намалена напнатост и помала тежина.

Сите овие типови акупресура можете да ги применувате самите. Па кога следниот пат ќе почувствувате стрес или напнатост, обидете се да ги намалите на овој начин.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот