Скопското Кале, обоено во портокалово, го означува почетокот на кампањата на ООН и ЕУ за елиминација на насилството врз жените и девојчињата

0

Делегацијата на Европската Унија и семејството на Обединетите нации ги здружуваат силите со меѓународните и национални партнери во кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство”, со цел поттикнување на иницијативи за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата низ целиот свет.

Под мотото „Вклучи се. Исклучи насилство“, во текот на 16 дена помеѓу 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права, ќе се реализираат бројни активности низ целата држава, вклучително дебати, јавни настани, како и изразување поддршка од јавни личности.

Како дел од глобалната кампања „Да го обоиме светот во портокалово: крај за насилството врз жените и девојчињата“, и Скопје со монументалното Скопско Кале, заедно со националните знаменитости низ целиот свет, живописните Нијагарини водопади во САД, рушевините на Петра во Јордан и седиштето на Европската комисија во Брисел, ќе заблеска во портокалова боја како симбол за посветла иднина без насилство врз жените.

„Насилството врз жените во исто време е и најзастапено и најмалку признаено прекршување на човековите права во светот“, вели Постојаниот координатор на Обединетите нации, Луиза Винтон. „Тоа мора да се промени, доколку не сакаме да прифатиме реалност во која половина од светот живее во страв од другата половина. Време е да се стави крај на молкот за насилството врз жените; време да ѝ ставиме крај на неказнивоста што ја уживаат сторителите.“ 

„Низ целиот свет секоја трета жена била физички нападната, присилена на секс или поинаку злоупотребувана во својот живот. Насилството има корен во глобалната култура на дискриминација, која на жените им ги негира основните и еднаквите права и можности. Насилството може да престане. Секој од нас може да игра улога, да направи промена за да го дигнеме гласот против секое неприфатливо однесување што го гледаме околу нас.“ – вели Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар. 

ЕУ и агенциите на ОН ќе продолжат со поддршка на сите чинители, владини и невладини организации, да ги  преточат правните гаранции во значајна промена на начинот на кој полицијата, обвинителите, судиите, судството, здравствените и социјалните работници ги вршат своите должности за обезбедување родова еднаквост.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.