Скопски вински салон од 30 ноември до 1 декември

0

Скопскиот вински салон ќе се случи на 30 ноември и 1 декември во хотелот Мериот во Скопје во организација на Здружението на вински консултанти и едукатори “КАЛЕМ-ЕЊЕ” предводено од винската писателка, авторка на два македонски вински водичи и интернационален вински судија Ивана Симјановска.

Во текот на двата дена  посетителите ќе имаат можност да се дегустираат над 300 вина од 30 винарии од земјата и странство, како и да уживаат во деликатеси, сирења, сувомеснати производи и храна која ќе биде специјално подготвена за овој настан.

Винскиот салон ќе изобилува со дегустации, мастер часови и предавања. Од големите имиња оваа година преку својот увозник HM Spirits, Тед Лелекас, бренд амбасадорот за Moët&Hennessy за јужна и централна Европа ќе одржи ексклузивна дегустација на шампањите Dom Pérignon, Moët&Chandon и Veuve Clicquot, потоа ќе има интересна дегустација за кратошијата и нејзина споредба со примитивото, зинфанделот, црљенак каштелански и трибидрагот со проф.

Д-р Климе Белески, Галина Тодорова-Нифору, директор на BIWC ќе одржи дегустација на вината кои имаат освоено двојни злата и трофеи на овој најбитен вински натпревар на Балканот кој се одржува секоја година во Софија, Игор Луковиќ, уредникот на Vino& Fino и потпретседател на Здружението на сомелиери на Србија, ќе одржи работилница проследена со дегустација на српски вина насловена “Автентична Србија”.

Од Хрватска ни доаѓа Жељко Гармаз, авторот на книгата Вински приказни, која моментално е бестселер, и ќе одржи дегустација на ретки хрватски вина, Ивана Симјановска по втор пат ќе одржи дегустација на темјаники од наши винарии, а некои од винариите учесници ќе одржат презентации проследени со дегустација на своите вина.

Дневните влезници на настанот се веќе пуштени во продажба на MKTickets, karti.com.mk и www.sws.mk, а распоредот и продажбата на картите за работилниците ќе биде објавена наскоро на следниот линк. Вратите за посетители ќе бидат отворени од 16 до 20 часот на 30ти ноември, и од 14 до 20 часот на 01 декември.