Скопјани се сеќаваат…

0

За некого, 26 јули е само датум кој се наоѓа на средина на летото, но за скопјани ова секогаш ќе биде болно сеќавање кое пред 55 години го рани главниот град на земјата.

Во раните утрински часови, во 5:17, силна бучава, а потоа удар кој трае кратко, но остава штета зад себе земајќи многу човечки животи.

На скопјани не им се верува што се случи со нивните домови за само неколку минути.

Официјaлните информации за овој настан се следните: На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1 070 негови граѓани, биле повредени над 4000 граѓани.

Но реалноста е многу поболна од бројките и буквите со кои се опшува тој 26 јули во 1963 година.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американскии советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

Изјавата на која сите се сеќаваат и ден денес е на тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито кој рекол:

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Така и се случи, Скопје стана град на солидарноста, се изгради повторно, а скопјани го љубат со истата сила и енергија како порано, бидејќи тоа е нивниот дом.

Денес, се сеќаваме на Скопје, и оддаваме почит на жртвите и гледаме заедно кон иднината, кон едно соединето Скопје за кое треба да продолжиме да се грижиме.

Скопје – ТЕ САКАМЕ!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот