Сиот тој полен и бескрај надежи

0

Мириса на пролет. Детскиот џагор од улиците станува се погласен, луѓето со кои се разминувам на улица се насмеани и среќни. Ги гледам и не можам да не се насмевнам и јас. Се чувствувам поинаку, душата ми се полни и си велам “Дојде и мај“.

Сакам пролет, бидејќи пролет за мене значи почеток, а почетоците се незаменливи и единствени. Поминуваат за миг ако не се доживаат вистински. Опипливи се онолку колку што ќе им дозволиш да бидат, но ќе останат засекогаш со тебе ако ги забележиш и прифатиш. Ако научиш да ги сакаш и да им се навраќаш.

Почетоци се сите оние мали нешта во кои сите уживаме, а не ги цениме доволно. Како што е започнување на денот со филџан кафе, првиот ден од десетдневното патување кога деновите се како празен тефтер што одвај чека да биде испишан. Како мирисот на новата книга која се уште не е прочитана. Како љубовта на прагот, со уште несоздадени спомени и можноста дека токму тоа е она вистинското, дека единствената пукнатина ќе биде од премногу силната прегратка. Почетоците се новородена надеж и тон можности.

Пролетта ме потсетува на сето тоа, на навидум обичен почеток кој крие бескрај убавини. Затоа што небото е поведро, боите се поинтензивни и градот е жив. Ме потсетува на она што отсекогаш сум сакала да бидам и на сето она што можам да го сторам. Пролетта ме потсетува дека нема зима што трае вечно, ме разигрува и буди. Сиот тој полен ме предизвикува да чувствувам и ме убедува дека нема ограничувања во она што ќе го замислам. Затоа што е почеток на нешто прекрасно, а во мај се е возможно.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.