Сибирска бајка од мраз – Бајкалско езеро

0

Бајкалското Езеро е импресивно. Тоа е најдлабокото и најчисто езеро на светот. Се наоѓа во Сибир. Токму затоа и не зачудува фактот што многу често замрзнува. Но тогаш е дури и поубаво.

Езерото е долго 636км и широко околу 50 километри, а најголемата измерена длабочина е 1.741 метар. Во него се наоѓа 20% од вкупното количество слатка површинска вода во светот.

 

Се верува дека е создадено во длабок стар расаден блок пред околу 25 милиони години, што го прави најстарото езеро во светот. Се смета дека раседот и натаму е активен, бидејќи езерото годишно се шири за околу 2,5 сантиметри.

Познато е и како „Галапагос на Русија“, место каде што се создава една од најневообичаените водени фауни, што е од огромно значење за еволутивната наука.

Коритото на езерото е толку големо што на сите реки во светот би им требало една година за да го наполнат. Во езерото се влеваат над 300 реки, а само една третина од дотекот на вода се излева од езерото преку реката Ангар.

Но тоа станува импресивно откога ќе замрзне. Длабочината на мразот на одредени места може да достигне и до 2 метра, заради што се верува дека преку него лесно може да помине и камион тежок до 15 тони.

Кога замрзнува водата, тоа се случува слој по слој. Токму затоа секој дел од езерото е различен. Водата е толку чиста што, кога не е замрзнато може да се види на длабочина и до 40 метри, а кога е замрзнато се гледаат и неколку слоја мраз надолу.

Во текот на зимата тоа е вистинска мамка за туристите. Тука доаѓаат луѓе од целиот свет коишто сакаат да се сликаат, да се лизгаат на мраз, да се возат со санки, а некои дури и возат велосипеди преку замрзнатата површина. Сепак, секој од нив мора да е внимателен бидејќи никој не ја знае дебелината и цврстината на мразот, а тој постојано пука под тежината на чекорите.

Интересно е што некои пукнатини можат да достигнат должина и до 10 километри, а да се широки 2-3 метри. Големите пукнатини обично се случуваат на исто место. Сведоците велат дека се слуша застрашувачки звук и потоа крцкање што трае со часови.

Но, благодарение на овие пукнатини, на животинскиот свет што живее во езерото не му недостига кислород, па тие можат да живеат и под мразот.

Мразот на Бајкалското Езеро е таму до мај, но уште во април луѓето престануваат да газат или да возат преку него. Сепак, останува импресивната глетка на меурите во мразот кои се резултат на гасот метан што се произведува од страна на алгите во езерото.

Легенда за Бајкалското Езеро

Легендата вели дека таткото на Бајкал имал 336 реки – синови и една река – ќерка – Ангра. Сите синови се влевале во Бајкал за да го наполнат со вода, само ќерката, која се заљубила во Јанисеи (река во Русија) почнала да носи од водата на татко ѝ кон својот љубовник. Таткото Бајкал фрлил огромна карпа кон неа и ја проколонал. Оваа карпа се вика Шаман-камен и се наоѓа на местото каде што се верува дека е изворот на Ангра.

Бајкалското езеро е под заштита на УНЕСКО.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот