Што се има во една женска чанта

0

Сите го знаете оној муабет дека на жена треба да и ѕвониш два пати, првиот пат за да го пронајде телефонот низ чанта, вториот за да ти крене.

Жените ги обожаваат чантите, мали или големи, кожени или лакирани, еднобојни или со принт, за на рамо или за во река, едноставна жена без чанта не оди никако. А за мажите секогаш останува големата мистерија, зошто жените никогаш немаат доволно простор и во најголемата чанта, особено за денски прилики и чанта за на работа…

Епа мажи, редно е да ви помогнеме во откривањето на мистеријата. Во женските чанти нема облека, резервен градник или домашно милениче ако тоа така ви изгледа поради големината на нашите чанти.

Исто како што сме вљубени во големите чанти, така сме и вљубени во големите и практични паричници кои понекогаш се и колку половина чанта. Ги одбираме нив, оти во нив има доволно простор за пари, сите картички за попуст од десетици продавници кои ретко кога ги употребуваме, списоци за пазарење, фотографии од најсаканите, по некое клуче од канцелариското шкафче, усб-стикови…

А вие мислите дека ние туку така, од воздухот секогаш мирисаме убаво и заводливо? Е па не, во чантата секогаш си го носиме омилениот парфем.

Во чантата секогаш имаме влажни марамчиња за експресно да исчистиме некоја флека или да си ги дезинфицираме рацете кога немаме услови околу нас за тоа. Имаме и пенкало, оти можеби денес ќе потпишеме некој многу важен документ за работа. Низ преградите имаме резервен полнач за никогаш да не останеме недостапни на телефон, затоа што можеби човекот на нашиот живот ќе се јави… Имаме и огледало, за уште еднаш да се осигураме дека сме прекрасни, кармин за да примамиме погледи, апчиња за неподносливи болки, турпија за ако случајно ни се потскрши некој нокт, оти дамата по ноктите се познава… Добро, понекогаш кога имаме важен состанок носиме и резервни хулахопки, оти Марфи се појавува кога не треба и голема е веројатноста дека ќе ги скинеме штотуку облечените…

И пак да речeте дека нашите чанти се големи и преполни со глупости…

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот