Што научив во 2015?

0

Писмо од читател:

“Почетокот на годината за многумина е инспирација за промени, новитети и идеи за тоа што сакаме да ни се случи во следните 12 месеци. Ова е период кога се кројат големи планови за цела година. Но, исто така почетокот на годината е идеален период за да се свртиме наназад и да се запрашаме што нѐ научи 2015 година.

Ова се 12 лекции кои ги научив во изминатите 12 месеци.

1.Кога нештата ќе се поправат функционираат многу подобро од претходно.

Сигурно сите имаме некаков проблем што тлее во нас и ни ја одзема енергијата што треба да ја трошиме на убави нешта. Храброста и решителноста се првиот чекор до вистинското решение. Не се откажувајте толку едноставно. Новата година е нова можност за да се поправат старите грешки. Не чекајте! Проанализирајте ги проблемите. Тргнете од себе. Извинете се доколку е потребно. Предложете конкретно решение. Добрите резултати ќе бидат неизбежни, а вие ќе се чуствувате како победник.

2.Понекогаш е подобро да кажеш “не”.

Честопати се наоѓаме во ситуација кога дури без размислување прифаќаме одредени работи против сопствена желба и тоа по цена на личниот комодитет и преференции. Со тоа ризикуваме да се изгубиме во туѓите желби и потреби и да заборавиме што нам ни е навистина важно. Жртвувањето на сопствениот комодитет и слободно време е оправдано доколку се работи за навистина важен настан или личност. Но, тоа не треба да прерасне во редовна пракса. Во ред е да се каже НЕ за одредени работи. Повременото кажување “не” не нѐ прави лоши личности.

3.Секогаш треба да имаш нешто за кое ќе се надеваш.

Иако звучи како цитат од шпанска серија, сепак се работи за една голема животна вистина. Човек што престанал да се надева едноставно престанал да живее. Надежта за нешто подобро е она што ни дава мотив и енергија да се разбудиме наутро и да се потрудиме да бидеме најдобра верзија од себеси. Затоа не дозволувај никој да ти ја убие надежта.

1

4.Никогаш не престанувај да учиш.

Преку учењето стануваме побогати и поинтересни личности, а истовремено се запознаваме себеси. Зарем тоа не е доволна причина да научиме многу нови работи оваа година? Доволно е само да ја избереме областа во која сакаме да станеме “експерти” и веќе сме на пат кон остварување на целта. Денес постојат безброј можности за учење кои се лесно достапни и временски прилагодливи, како на пример бесплатни on-line курсеви, курсеви по фотографија, дизајн, програмирање и тн. Не дозволувајте оваа година да се претвори во залудно потрошено време. Како што би посоветувал Чарлс Буковски – “Изберете го својот отров и дозволете му да ве убие”. Единствено што можам да гарантирам е дека следната година ќе бидете горди на себе и побогати за нови знаења и вештини.

5.Кажи го тоа што НАВИСТИНА го мислиш.

Колку често ни се случува да се покаеме за нешто што сме го кажале, а воопшто не сме го помислиле? Оттука се раѓаат мали недоразбирања, кои подоцна прераснуваат во поголеми проблеми. Затоа, поставете ја добрата комуникација како еден од приоритетите во оваа година. Најпрво биди искрен кон себе, а потоа и кон другите. Не може да очекуваме искреност од другите доколку и самите не сме искрени. Факт е дека комуникацијата никогаш не може да биде совршена, но со малку труд и желба за краток период ќе станете одличен комуникатор и недоразбирањата ќе исчезнат.

6.Работата не е живот.

Доколку имате постојана работа со осум часовно работно време тогаш сигурно многу добро ви е познат терминот баланс меѓу работата и животот. Особено на почетокот на кариерата сите се бориме да бидеме доста успешни во својата работа, да напредуваме, да се здобиеме со разни вештини сѐ со цел да обезбедиме некаква сигурност за во иднина. Во оваа “борба” често ни останува многу малку време за семејството, пријателите, но и за работи што нѐ исполнуваат. Секако дека деловниот успех е огромна сатисфакција за една личност, но никако не заборавајте ги луѓето кои се грижат за вас и постојано ве поддржуваат. Посветете барем еден ден во неделата за себе и своите драги луѓе.

beautiful-girl-hair-nature-photography-Favim.com-160936

Пред да ги поставите целите и плановите што сакате да ги постигнете во 2016 година, направете своја листа на лекции научени лани. Самоевалуацијата е одлична за личната ментална хигиена. Почитувајте се себеси и никогаш не престанувајте да работите на себе”.

 

Текстот го напиша: Марина Златевска