Што ја разликува балканската жена од останатите жени во светот

0

На прв поглед, балканската жена не се разликува многу од другите жени во светот, барем на изглед. Дури тука има и предност. Знае да биде модерна и во тек со светските трендови.

Но, има нешто повеќе од изгледот што ја прави поинаква. Таа е ќерка на својата мајка, на друга жена од Балканот која е воспитувана патријахално, која треба да има почитување кон мажите и да им се поклонува.

Таа е жена која знае дека треба да биде примерна, да има беспрекорно минато, да се образова, да знае да работи и да сака да се омажи. Aко не се омажи до својата 30-та година, тогаш влегува во светот на заборавените жени, оние кои често се соочуваат со погледи на сожалување оти не ‘стигнале’ да се омажат на време. А не стигнале затоа што до својата 30-та година, работеле на себе, на својот успех, на образованието и социјалниот живот, на својата кариера кој им овозможила да не зависат од никој друг. А сепак, погледите со прашални лица се упатени кон нив? Зошто?

Бидејќи така треба!

Да научи тактика да се справува со својот сопруг за да и опстои бракот. Не дај Боже да не оди сè како што треба во брачниот живот, тогаш што ќе рече светот?!

Балканската жена е научена да ‘голта’ непочитување, проблеми, несреќа, да молчи кога треба да зборува, да зборува кога нејзиниот сопруг не знае што да каже, да го обелува постојано образот на семејството.

Бидејќи така треба!

Да не зборува за проблемите со никого, ниту со пријателките, ниту со колешките, а најмалку со својата мајка.

Да има работа која трае 8 часа и ништо повеќе. Да не крева телефон после работно време, оти нејзината улога после 17 часот се менува – таа е мајка и што поважно сопруга на многу уморен сопруг кој мора да се одмори бидејќи ја има најтешката работа на светот. Таа мора да има разбирање.

Бидејќи така треба!

Балканската жена е способна за сè, ама буквално за сè оти целиот товар на семејството е оставен на неа. Но, сепак нема право да се пожали. Нејзиниот сопруг ѝ помага бидејќи така сака тој, а не затоа што бракот е еднаква поделба на обврските, не само за децата туку за сè.

Таа мора да сака деца и да сака повеќе од едно. Впрочем, тоа основната  улога на жената – да има деца без право на желба за нешто друго. Кариерата треба да ѝ заврши штом ѝ почне бракот или ако не сака, да се снаоѓа како знае и умее.

Бидејќи така треба!

Правото на одмор ѝ следува за време на ноќните часови. Впрочем, тоа е нормално време за спиење, не после работа кога сопругот одмара. Таа треба да има разбирање за неговите обврски со другарите некаде во кафеана. Нејзините другарки можат да дојдат кај неа ако сакаат да ја видат. Таа нема време за бесполезни дружби.

Животот на балканската жена е сè она што нејзиниот сопруг има желба и што е поважно, потреба да биде. Знаете зошто?

Бидејќи така треба!

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот