Што е зелената карта и зошто е потребна кога патувате

0

Се приближува време на одмори, а тоа значи дека патувањата се повеќе ќе зачестуваат. Ако сакате да патувате надвор од земјата со сопствен автомобил, во тој случај задолжително треба да имате зелена карта како дел од документацијата.

Што е всушност зелената карта и зошто е потребна?

Зелената карта е полиса за осигурување од автомобилска одговорност во државите членки на системот под исто име. Важи во повеќе од 40 земји, меѓу кои сите членки на Европската Унија.

Овој документ е услов за влез со моторно возило со македонски регистарски таблички во друга држава. Доколку не поседувате Зелена карта ќе треба да платите „гранично осигурување“ кое ќе ве чини поскапо.

Системот на зелена карта функционира над 65 години.  Почетокот е во 1949 година кога Економската комисија за Европа при Обединетите Нации ја усвои „Препорака бр.5“. Таа се однесуваше и беше упатена до сите европски земји со предлог за склучување договори кои би овозможиле осигурување од одговорност за штети предизвикани од возило при посета на странска земја.

Во точка 8 од документот се нагласува дека доказот за осигурување ќе биде со зелена боја. Така всушност настана и Зелената карта.

Со системот на осигурување со зелен картон се опфатени 47 земји, каде покрај европските земји сите европски освен Косово, плус Израел, Иран, Тунис и Мароко.

Ако ви се случи сообраќајна незгода додека сте во друга земја има неколку работи кои треба да ги знаете односно се однесуваат на тоа како треба да постапите.

Првата работа која треба да ја направите е да го оставите возилото каде што е и да не го поместувате. Доколку се случи да има повредени лица, укажете им прва помош.

Следниот чекор е да повикате полиција и да побарате полициски извештај – записник. Доколку сте во можност, би било пожелно да го фотографирате местото на настанот и оштетените возила.

Ако станува збор за незгода која има мала материјална штета, во тој случај потребно е да пополните Европски извештај за сообраќајната незгода. Тој е идентичен на сите јазици.

Треба да знаете дека ако настане сообраќајна незгода во која не сте вие виновни, Зелената карта не ги покрива Вашите штети.

Кога ќе настане ваков случај, во зависност од тоа во која земја е настаната незгодата, надлежност за решавање на штетата има земјата каде се случила. Од тие причини потребно e да пријавите во Бирото за зелелна карта во земјата во која се случила незгодата или пак да се обратите на контакт телефоните на самата зелена карта.

Ако Вие сте одговорни за незгодата, еден примерок од Зелената карта му давате на оштетениот или на полицијата која врши увид. Откако ќе се вратите во Македонија, задолжително треба да ја известите осигурителната компанија која го издала документот.

Секогаш е добро да тргнете на пат подготвени и информирани за сè што може да ве очекува. Зелениот картон е документ кој мора да го поседувате, но исто така мора да ја знаете неговата моќ.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот