Што е подобро за живеење, куќа или стан?

0

Одговорите на ова прашање би биле поделени во однос на тоа каде живеете. Доколку пак сте во потрага по нов дом за живеење и се мислите дали да биде куќа или стан, ние решивме да ви олесниме со тоа што издвоиме неколку карактеристики и за едното и за другото.

Начин на живот

Стан: Ова е подобра опција за луѓето кои многу работат, патуваат и се често отсутни од дома. Не бара премногу труд. Ако планирате семејство, идеално е за првите 10 години.

Куќа: Куќата е идеална за семеен тип на луѓе кои сакаат да го создадат своето ‘гнездо’ кое, да бидеме реални бара одржување и посвета. Има поголем простор ако сакате да го проширите семејството.

Одржување

Стан: Од една страна многу е полесно за чистење, плаќање сметки, уредување, бидејќи е помал простор. Не мора да се грижите дали фасадата е направена, дворот искосен, среден, дали цвеќињата се навадени и слично. Од друга страна, ако имате некакви проблеми од типот на соседот да му пукне цевка и вие да бидете поплавени, тоа се дополнителни трошоци кои заради туѓа вина ќе ги сносите вие.

Куќа: Во куќа вие сте одговорни за секоја цевка и проблем кој ќе се јави. Знаете дека тоа е ваш трошок кој треба да го носите и тоа е во ред бидејќи станува збор за ваш простор или ваша вина ако се случи нешто. Од друга страна има поголем простор за одржување, поголеми сметки, но и поголемо задоволство во тоа што сте го направиле сами.

Удобност

Стан: Додека сте со статус сингл, можете да уживате до бескрај. Вие си го создавате мирот и нема кој да ви го наруши. Ако имате семејство во иднина, повеќе деца, тогаш не го барајте мирот во станот, оти нема да го најдете.

Куќа: Овде навистина можете да имате свој дел каде ќе мирувате, само заради просторноста на градбата. Ќе имате и паркинг место само за вас и многу други предности.

Реално, куќата секогаш се сметала за семејна работа, тоа местото каде треба да се гради фамилија и иднина. Но, никако не значи дека во стан не може да се постигнат истите услови и истата среќа. Сè зависи до личноста и неговата перцепција кон метеријалните работи.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот