Сензорната интеграција не е болест

0

Знаете ли што е Сензорна Интеграција ?

Во последно време се поголем број на родители се сретнуваат со поимот сензорна интеграција и се прашуваат дали тоа има некаква врска со нивното дете. Одговорот на ова е дека секое човечко битие минува низ процес на сензорна интеграција цело време низ својот животЗапочнува уште пред раѓањето, кое понатаму би требало да се одвива спонтано, но не е секогаш така. Пред сè би сакала да нагласам дека сензорната интеграција не е болест, туку нарушување кое не се манифестира директно.

Сензорната интеграција е невролошки процес во кој се организираат сетилните дразби од сопственото тело и надворешната средина. Тоа ни овозможува ефикасно користење на телото во интеракциите со околината.
Сензорниот систем ги вклучува сетилата за вид, слух, вкус, мирис, тактилното сетило (допир), проприоцептивното сетило (мускули и зглобови) и вестибуларното сетило (рамнотежа и движење).

Како проблемите во Сензорната Интеграција се одразуваат на секојдневното функционирање на детето?

Раниот и предучилишен период до седмата година е клучен за развој на сензорната интеграција бидејќи мозокот во тој период воспоставува најмногу нервни врски. Дисфункција може да биде присутна и кога не постои видливо оштетување на мозокот. Доаѓа до проблеми во однесувањето токму поради тоа што мозокот не е во состојба правилно да ги обработи и организира сензорните информации. Меѓутоа никој нема совршена интеграција на сетилата.

Нарушувањата во ефикасното интегрирање на информации од сетилата можат да влијаат на ограничување на способностите на детето да се насочува кон одредени задачи, да планира нови, има тешкотии во грижата за себе, да изведува координирани моторни активности, да развива социјални релации со врсниците, играта, проблеми во емоционалната област. Не се способни да следат упатства на училиште, да седат исправено во клупа, одржување на внимание, потешкотии со пишување, грубата и фината моторика, координација око – рака и уште и сл.

Кои се симтомите на ова нарушување ?

Најчести симптоми кај децата се :

-Чести необични промени во однесувањето и расположението уште од мала возраст

-емоционални и социјални потешкотии

-недостаток на чувство за опасност

-хипо/хипер сензитивни (на одредени звуци, допир)

– недостаток на самоконтрола и импулсивност

-проблеми со говорот (доцнење и чести говорни неправилности)

-заостанување во развојот на моторички активности

-потешкотии во учењето и сл.

Овие деца многу често се преосетливи на допир и други тактилни контакти. Не сакаат да ги гушкате и не уживаат во чешлањето на коса. Знаат да бидат до тој степен сензитивни што им пречат етикетите од облеката која ја носат. Покажуваат индиферентност на звуци, дури знаат и да не реагираат на своето име, но тоа не значи и дека не си го знаат .

Од друга страна можат да реагираат со страв на некој изненаден звук (покривање на уши). Имаат низок праг на толеранција на мириси и вкусови, или пак премногу голем. Многу често знааат да бидат експлозивни (не можат да се контролираат, ниту пак умеат да бидат смирени сами со себе) и имаат лош self” концепт. Но, нарушена сензорна интеграција не преставува болест и не може да се открие толку лесно како на пр.лоша крвна слика, хемиски дисбаланс и сл. Секој би можел да се пронајде во одредени мали симптоми од горе наведените и тоа не значи дека сите имаме нарушена сензорна интеграција, па поради ова дијагностичката постапка бара посериозен пристап. Доколку отежнатата сензорната интеграција создава проблеми кои го кочат и ограничуваат развојот и создаваат негативни облици на однесување, потребна е сензорна терапија.

Како да му помогнете на дете со сензорна интеграција?

Нашиот центар е токму за таа намена- Центар за сензорна терапија Во Мојот Свет”. Најпрво правиме сензорен профил на детето и во зависност од тоа што е потребно, односно кои сетила треба да се стимулираат тие и ги дразниме. Од овој поглед сензорната интеграција има голем удел на детската игра, и понатака на емоционалното задоволство, саморегулација, однесување во текот на спиење, храна, дружење, моторичко планирање, координација око-рака, говор, внимание, учење, што значи дека тесно е поврзана со целокупниот развој на детето. На пр.кај дете кое има тешкотии во обработка на тактилно сетило избегнува или пак претерано допира одредени материјали, структури, површини, играчки што вибрираат и сл. Дете кое има тешкотии на вестибуларно поле на процесирање избегнува или исто така претерано бара лулање, скокање, вртење и сл.

Начинот на кој може да му се помогне на детето е да се освести внесувањето, односно стимулирање на сетилото на кое преслабо реагира или постепено да почне да го избегнува дразнењето на кое премногу јако реагира, што значи треба да се потрудиме да искреираме опкружување богато со сензорни дразби каде ќе му го доближиме сензорното доживување на детето. Според мене тоа најдобро се постигнува низ игра, на начин каде што детето учи.

Што претставува сензорна соба?

Сензорната соба е контролирана мултисензорна стимулација, која преставува еден вид на недиректна терапија и има цел да делува на основните сетила за : вид, слух, допир и мирис. Преку хармонично и контролирано изложување користи светлосни ефекти, бои, звуци, музика и мириси. Ова е соба која е специјално опремена и каде природата, интензитетот и количината на стумулсот е контролирана. Може да се стимулираат повеќе сетила(мултисензорна) или фокусот да биде ставен само на едно сетило. Предноста за оваа терапија е што не е пресудна вербалната комуникација и можат да ја користат и лица кои немаат говор. Овозможува стимулација на оние кои не реагираат на околината, лица кои не зборуваат и до кои неможеме да допреме. Карактеристична е по својот дизајн и не ве остава рамнодушни. Многумина ја нарекуваат како шарената соба, а може да се опише како еден магичен свет. Уште при самиот влез ве маѓепсуваат боите, светлосните туби со меурчиња, опојните мириси, ѕвезденото небо и тунели. Креира атмосфера која ги мотивира децата и возрасните, одвлекува вмимание и најважно од се го намалува стресот.Како вид на терапија помага со зближување на луѓето, ја намалува анксиозноста, потешкотиите.Се користи кај деца со аутизам, растројства во развојот,деменции, хиперактивни деца,повреди на мозокот, деца кои имаат појава на агресија како и кај мали деца.

Многу истражувања и студии покажуваат дека со користење на сензорната соба значително се намалува вознемиреноста, агресивноста и стереотипното однесување.Се користи како педагошка и терапевска мерка. Овие соби се посебно дизајнирани кај луѓето да предизвикуваат одмор, мир, добросостојба, задоволство и радост. Пријатното опкружување го зголемува потенцијалот за развивање на идеи.

Терапија со игра

Природата ни е една голема ризница и јас секогаш ја користам максимално и уживам во неа. Ја препорачувам на сите родители. Во неа има толку убав и природен материјал за сензорна терапија, што не сме ни свесни за нејзините благодети. Се што треба е да се опуштите и да си дозволите да бидете деца со вашите деца.

Игри кои овозможуваат тактилна стимулација: Тука можете да ги користите сите видови на семки кои ви се достапни (леќа, грав, грашок, ориз, пченка, лушпи од ореви, фстаци..) активности кои се поврзани со истражување на вода ( и лед), пена од сапун, меурчиња, пена за бричење, песок, камчиња, разни други текстури, маси за моделирање како што е тестото, пластелин. Набавете играчки кои вибрираат, можете да употребувате четки за заби, чешли и уште многу други примери.Едно од седумте сетила е тактилното, а допирот е природен стимулатор, па затоа гушкајте се. Гушкајте се постојано!Слушајте ги птиците како пеат, водата како тече, на тој начин несвесно му делуваме на стилото за слух, преку примањето на информации за се што ќе слушнеме.Заедно затворете очи и раширете ги рацете кога дувка пријатно ветре, поминувајте со прсти по тревата, гранките од дрвата, однесете го детето на село каде има домашни животни, нека ги погалат и допрат, волната е природен материјал.Немојте да им ја скратувате приликата да си играат, да се качуваат, да скокаат од некое ниско безопасно ѕидтче, оставете ги да се извалкаат, дури не е ништо страшно и ако паднат.Па нас нели така не учеа и ни велеа така растат децата .Игри кои делуваат на проприоцептивното сетило:Тука може да се вклучат сите секојдневни активности како на пр.бришење маса, метење под, бришење прозори, миење чинии,бањање играчки, кукли, дозволете им да Ви помогнат да го исперете вашиот автомобил, фрлање ѓубре во корпа,фрлање топки, скокање на кревет, на перници на под, трамполина, буткање количка додека пазарите, давајте им да носат некоја кеса и на нив, да Ви помогнат да го пружите вешот, пуштете музика и играјте, нека повторуваат одредени движења по Вас, плескајте во ритам, возење велосипед и уште многу други активности кои сами ќе Ви се дадат..Вестибуларно стимулирајте ги со разни лулашки од вреќи, мрежа, гуми од автомобил, лулајте ги во разно темпо, ритам и пратете како реагираат.Ставете ги во буре и тркалајте ги, фатете се раце и вртете се во круг, едноставно забавувајте се со Вашето дете.

И додека се мали без разлика што се уште немаат говор читајте им барем половина час во денот некоја книга за деца, а кога ќе пораснат малку или кога ќе научат да читаат заменети ги улогите и дозволете им тие вам да Ви читаат.Разговарајте за прочитаното, што и зошто им се допаѓа, кој им е омилен лик и какви би сакале тие да бидат кога ќе пораснат.Секогаш нагласувајте ги позитивните вредности.

Добрите навики не се наследуваат, тие се учат!

Подготви: Дефектолог Татјана Багеска.