Се сеќавате ли на “априли-ли-ли”од детството

0

Први април, денот на шегата. Ден кој сите ние како малечки со нетрпение го очекувавме, а не е ништо променето ниту кај денешните генерации. Еден месец наназад ги подготвуваме маските кои ќе ги носиме на првоаприлскиот маскенбал,  па се маскиравме во омилените јунаци од цртаните филмови, од сериите, најмногу имаше маскирани во доктори со бели мантили, потоа имаше многу вештерски, често ги имаше и Том и Џери, мали јапонки со закосено нацртани очи.

Во секое училиште беше пракса да се организира бирање на најдобри маски од кои едни ќе одат на општински натпревар истиот ден, а другите одеа на плоштадот Македонија каде се собираа најубавите маски од сите училишта. Таму секогаш имаше организирана приредба од градот, со многу балони, шаренила, детска музика се слушаше на бината која беше поставена на средина на плоштадот и многу  дечиња.

Таа традиција продолжува и денес. Се уште во центарот на Скопје секоја година на овој ден може да се видат најкреативните маски на малите човечиња кои уживаат во играта под маска. Не ретко, и родителите се маскирани заедно со нив, па и тие се забавуваат како децата.

Но, што всушност е 1-ви април? Ова е ден на шегата кога сите луѓе во светот прават безопасни шеги и објавуваат лажни новости на кои, тие што наседнале ги доведуваат вo смешна ситуација која завршува со зборовите “априли- ли-ли”.

Постојат неколку верзии за потеклото на овој ден. Една од нив е дека 1 април како Ден на шегата настанал во 16 век кога бил поместен денот за нова година од 25 март на 1 јануари. До тогаш многу европски градови Новата година ја прославувале на 25 март, а славењето траело седум дена, односно до 1 април. Според тоа, оние кои го прифатиле новиот датум за славење на Новата година се шегувале со тие кои и понатаму го славеле до 1 април.

Меѓу најпознатите шеги е онаа на Би-Би-Си од 1957 година кога британската мрежа објавила дека Швајцарците берат шпагети од дрво. Многу гледачи после тоа се јавиле во редакцијата да прашаат за можностите и тие да насадат дрва со шпагети.

Еден ден многу шеги, а најважно од се многу насмеани лица на крајот од истиот. Имајте убав прв априлски ден!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.