Санторини – островот на вљубените

0

Егејското море изобилува со прекрасни острови кои нудат многу: од мирен одмор, па сè до луди забави. Острови каде туристите уживаат со сите свои сетила. Еден таков остров е Санторини.

Санторини (или Тира, како што му е официјалното име) е остров во облик на буквата С, во чија лагуна се наоѓаат активните вулкански островчиња Неа Камени и Палиа Камени.

Специфичниот, стрмен и уникатен изглед на Санторини е заслуга на големата вулканска ерупција која некогаш одамна се случила и ја уништила минојската цивилизација на Крит.

Санторини често го најдува своето место на светските листи на романтични дестинации кои мора да се посетат. Островот на заљубените, своето име го има добиено од заштитничката на островот Света Ирини, за која постои верување дека ги штити паровите кои ќе се венчаат на островот.

Санторини е препознатлив по интересната архитектура: куќите имаат бели фасади и градени се во типичен кикладски стил. Ако патот ве носи кон овој остров, вреден за посета е Акротири, праисториски град и најважен локалитет на островот, како и црквите, кои поради својата бела боја, како да воздивнуваат мир и свежина.

Главниот град на островот, Фира се наоѓа на врвот на еден рид. Оддалеку, изгледа како планината да е прекриена со снег, но тоа всушност се белите фасади на објектите, типични за Санторини.

Иако, долги години е на листата на десет најпосетени дестинации во светот, Санторини останува прекрасен скапоцен камен на Медитеранот, остров на контрасти каде подеднакво се ужива во лудиот ноќен живот и тишината на напуштените плажи со поглед на моќниот вулкан кој постојано ги предупредува луѓето дека ништо не може да ја скроти моќната природа.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.