Роденденско изненадување од сопругот за Невенка Томовска – Росоманова, “Македонско девојче” во поинакво издание

0

Денеска отстапуваме простор за една лична приказна, која на мое големо задоволство имав среќа да ја слушнам од “прва рака”. Главните ликови се ќерката на Виолета Томовска, Невенка и нејзиниот сопруг Зоран кој на најуникатен начин реши да и го честита 50-тиот роденден на својата сакана. Но, во оваа приказна има и музичка историја за тоа како настанала песната “Македонско девојче”. Во продолжение, ви го пренесуваме во целост текстот кој ми беше испратен вчера вечер, а со радост го објавуваме на нашиот медиум.

Песната по која најчесто нè препознаваат е „Македонско девојче”.  Речиси и да не постои човек кој не ја знае. Таа е најпеаната песна од Македонија на сите времиња, како во земјава, така и надвор од неа. Препеана на најмалку 10 светски јазици. „Македонско девојче” се пее и на седенки и на свадби, но и на спортски настани, секаде каде царува убавиот македонски дух.

Малкумина ја знаат приказната за раѓањето на „Македонското девојче”.

„Татко“ на оваа прекрасна македонска песна е бардот Јонче Христовски. Тој бил чест гостин во семејството на Виолета Томовска, со која и самиот соработувал. На една од тие средби, кога ќерката на Виолета – Невенка, го славела својот прв роденден, настанала токму оваа песна,  тогаш за прв пат изведена тогаш од Томовска и Кирил Манчевски.

12647634_10207412532847447_1166395486_n

Ете тоа македонско девојче, Невенка Томовска Росоманова, денес слави 50 години.  

Велат, кога со љубов и за љубов се создаваат дела, тие се запишуваат во вечноста. И токму во име на љубовта, нејзиниот сопруг, Зоран Росоманов го подготви најнеочекуваното роденденско изненадување. Тој направи реиздание на „Македонско девојче” изведено во несекојдневен стил. Создадено за истата личност, да потсетува на специјалните моменти, со вонвремски печат. Под велот на мистиката, а под закрила на љубовта, Росоманов го собра фантастичниот тим, кој со емоции ја поддржа целата идеја. 

Денес, 4 февруари на јубилејниот роденден на македонското девојче –  Невенче, сите имаме убава прилика да уживаме во посебната прилика и заедно да ја слушнеме премиерната изведба на песната.

Ова е само потврда, дека љубовта и желбата, ако се ваш мотив да ги правите луѓето среќни, сè ќе стане возможно и остварливо. Невенка е навистина среќна жена, а и сите ние со неа. Затоа, благодарение на Росоманов, ќе уживаме во „Македонско девојче” уште најмалку 50 години.

Вистинскита екипа за безвремениот подарок  е во следниов состав :

Продукција и организација Зоран Росоманов

Текст: Јонче Христовски

Композитор: Јонче Христовски

Диригент: Бисера Чадловска

Аранжман: Васко Атанасовски

Музички продуцент: Будимка Имери

Во изведба на Весна Гиновска Илкова и Наум Петрески, заедно со хорот и симфонискиот оркестар на МОБ.

За специјалната изведба во комплетирање на приказната, свој придонес даде и виртуозот на гитара Влатко Стефановски, како и препознатливиот Дино Имери на клавир.

Слушнете ја песната овде:

https://www.sendspace.com/file/3kl0yz

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.