„Ракот е болест со која се соочува целото семејство“ – Шенон Доерти

0

Пред само неколку дена сите фотоапарати во Холивуд беа вперени кон актерката којашто со своето присуство на црвениот килим на настанот „Спротивставете му се на ракот“ ги маѓепса буквално сите.

Ова не е затоа што изгледаше совршено, туку затоа што сакаше да ја крене свесноста кон борбата против ракот на дојката. Секако, станува збор за Шенон Доерти, омилената Бренда од серијата „Беверли Хилс“, девојката која сите ја сакавме и ѝ се восхитувавме.

Само неколку дена по нејзината сопствена хемотерапија, која е дел од нејзиниот процес на лекување на ракот на дојката, Шенон се појави на црвениот килим заедно со својот сопруг, фотографот Курт Исвариенко, но и со нејзиниот онколог, д-р. Лоренс Пиро. Нивната цел беше да се зголеми свесноста, но и да се соберат донации за пациентите болни од рак, како дел од кампањата „Спротивставете му се на ракот“.

Таа гордо изјави:

„Тука сум да ја поддржам секоја личност која има рак, и тука сум во знак на поддршка на сите сопрузи и на секое семејство коешто минува низ овој тежок процес.“

Иако многумина не се свесни, личноста што боледува од рак не страда сама. Подеднакво е тешко и за нивните семејства кои се борат заедно со нив.

Актерката Сара Мишел Гелер, блиска пријателка на Шенон, исто така присуствувала на настанот. Таа изјави: „Шенон му се спротивстави на ракот и го извлече најдоброто од тешката ситуација во која се најде.“

На самиот настан, нешто што присутните го опишуваат како ноќ која долго ќе ја паметат, луѓето споделува свои потресни приказни. Една од нив била и актерката, која им се заблагодарила на сите коишто ѝ биле поддршка во најтешкиот момент од животот, кога најмногу ѝ била потребна љубов и сочувство.

Шенон ја завршува терапијата. Барем најтешкиот дел. Борбата со ракот не запира тука. Но таа пренесе и понатаму ќе продолжи да пренесува силна порака за зголемување на свесноста кон оваа болест, за потребата од нејзино навремено откривање и изнаоѓање ефикасен лек.

Сликите на кои таа ја бричи својата глава го обиколија светот. Тие покажаа силна жена во битката со својата болест, а која е вистински пример за сите други жени кои се наоѓаат во истата ситуација.

Секојдневната битка со ракот ја документира и на својот истаграм профил. Раскажува за секој процес, за секоја промена, за секој напредок, за сите подеми и падови. Вели, ова ја мотивира неа самата да истрае во тешката борба, но се надева дека ги мотивира и жените ширум светот да го следат нејзиниот пример и да бидат силни во долготрајната битка со ракот на дојката.

Нејзината силна порака е: „Бидете силни. Бидете позитивни. Заедно ќе го победиме ракот!

А Шенон е на добар пат да го стори тоа.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот