Раѓање на зборот – Ацо Шопов

0

Раѓање на зборот

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш,
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.

  • Ацо Шопов

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар