Психолошка грижа: Kако да си помогнете себе и на другите во процес на справување со стресни настани

0

По разорните поплави во и околу Скопје и Тетово, голем број на граѓани се со мислите со оние кои загубија роднините и пријателите, со повредените и со оние кои на кои им се уништени домовите. Сочувствувањето и емпатијата ги мотивираат луѓето за изнаоѓање на начини и пристапи за да понудат соодветна помош на настраданите.

Со оглед на интензивноста на трауматските настани пред се поради непредвидливоста, загубите и штетите што се предизвикани,  луѓето се преплавени со силни внатрешни и надворешни дразби.

Вообичаени реакции на стрес се: неверување и шок, страв и анксиозност за иднината, дезориентација, отежнато донесување на одлуки, апатија и емоционална индиферентност, кошмари и повторно ре-доживување на настаните, преокупираност со стресната случка, иритираност и агресија, тага и депресивност, чувство на беспомошност, промени во прехрамбените навики (изгладнување или прејадување), плачење без причина, проблеми со спиењето (неможност за заспивање или постојано спиење), зголемена употреба на алкохол или дрога.

Психолошка грижа: Kако да си помогнете себе и на другите  во процес на справување со стресни настани

 Постојат голем број на чекори што можат да се преземат за да се изгради емоционална стабилност и да се обезбеди чувство на контрола по стресната ситуација. Ова се само  некои од нив:

  1. Дајте си време за прилагодување. Дозволете им на другите соодветно да се прилагодат на новонастаната ситуација.

Предвидете дека следи интензивно и тешко време во вашиот живот и во животот на другите. Дозволете тагување и жалење за загубите и оштетувањата. Обидете се да бидете трпеливи со промените на емоционален план. Бидете емпатични и трпеливи за ситуациите низ кои минуваат настраданите.

  1. Барајте поддршка од луѓето кои се грижат за вас и за настраданите и сочувствуваат за ситуациите низ кои поминувате.

Отворете се да ги слушнете сопствените потреби. Социјалната поддршка е клучна компонента при соочување и надминување на катастрофите. Семејството и пријателите може да се важен ресурс. Можете да најдете поддршка и заеднички јазик со оние кои, исто така, ја преживеале несреќата. Може да допрете до другите кои не се вклучени, а се во можност да обезбедат поголема поддршка и објективност.  Активно слушајте и понудете помош без условување.

3. Комуницирајте го вашето искуство.

Изразете го  она што го чувствувате, на начин што е комотен за вас –  како што е споделување со семејството или блиските пријатели, водење на дневник или ангажирање во креативна активност. Најдете начин да креирате средина во која настраданите ќе може слободно да се изразат.

4. Најдете или понудете стручна поддршка предводена од соодветно обучени и искусни професионалци.

Групи за поддршка често се достапни за настраданите. Групната дискусија може да помогне да се сфати дека не сме сами во реакциите, доживувањата и емоциите.

5. Ангажирајте се со здраво однесување за да ја зајакнете вашата способност за справување со премногу стресни настани.

Јадете добро избалансирани оброци и планирајте го одморот. Избегнувајте алкохол и дрога, индиферентноста како последица од користењето е диверзија и го одвлекува вниманието од процесот на справување.

6. Воспоставете или повторно изградете ги рутините.

Ова може да вклучува оброци во редовни термини, или пак спиење и будење согласно ритамот. Воспоставете некои нови позитивни навики, како нешто на кое се радувате што ќе ви овозможи справување со вознемиреноста во текот на овие времиња.

7. Избегнете донесување на важни одлуки во животот.

На пример: менувањето на кариерата или работното место се високо стресни на свој начин, и истите може потешко да се преземаат кога  се опоравувате од катастрофа.

 

Уреди: Македонска асоцијација за трансакциска анализа – Надица Костоска

Recovering emotionally from disaster, American Psychological Association

Core Concepts of an Integrative Transactional Analysis,  Marye O’Reilly-Knapp and Richard G. Erskine

 

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот

 

Остави коментар