Простете, но не заборавајте: зошто никогаш не треба да им се вратите на тие што ве повредиле

0

Воопшто не е лесно да ги одберете вистинските луѓе во животот. Некои пријателства траат цел живот, некои врски траат цел живот, а некои, за жал, се толку „отровни“, што некогаш не можете да се ослободите од нив иако сакате.

А не било секогаш така. Без оглед дали се работи за пријателство или љубов, на почетокот нештата биле забавни, возбудливи, волшебни. Сте се гледале со очи полни со насмевка, сте се смееле до болка во стомакот, сте патувале заедно, сте излегувале заедно, сте создавале спомени за кои сте планирале да им раскажувате дури и на вашите внуци.

Па како може една ваква поврзаност да се раскине? Зарем е тоа воопшто возможно? Дури и да сакаме да ве увериме дека не е така, сепак, и најсилните врски можат да се скинат – кога едниот ќе го повреди другиот.

Изневерување… озборување… ширење лаги… психичко малтретирање… физичко насилство… Сето ова предизвикува болка преку која не може да се помине лесно. Потребно е време, многу време за вие пак да се вратите на старо, да станете свесни дека сте доживеале силно предавство и да научите да го живеете секојдневието без тие што ве повредиле. А тоа не е воопшто лесно.

Ги нема веќе секојдневните пораки. Ги нема заедничките фотографии. Ги нема насмеаните лица. Ги нема телефонските повици. И иако сакате да ви се појави нивната фотографија на телефонот, знаете дека тоа е најлошото нешто што може да ви се случи. Се плашите дека ако ви речат едно тивко, покорно „здраво“ полно со покајување во гласот, ќе потклекнете на предизвикот и ќе им дозволите да се вратат во вашиот живот.

И повторно ќе се повторува истиот циклус на одење напред-назад, тапкање во место, повредување и простување. Дали сте сигурни дека овој пат работите ќе бидат поинакви? Дали сте сигурни дека навистина мислеле сè што кажале кога ви се извиниле? И дека ќе се придржуваат до тоа?

Размислете реално – дали навистина треба да им дозволите да се вратат во вашиот живот? Простувањето е човечно. Конечно, простувате за да ви биде полесно вам. Простувате искрено и за да бидете „чисти“ пред самите себе дека сте подале рака. Ама, тоа што ќе простите не значи дека треба да заборавите. Не значи ни дека треба да го закопате минатото длабоко зад вас и да се преправате дека никогаш не се случиле сите лоши работи што се случиле.

Не ги затворајте очите пред фактот дека ве повредиле силно. Не го отворајте срцето пред фактот дека работите ќе се сменат, а дека секој заслужува втора шанса. Ако ве повредиле навистина многу, бидете силни, бидете зрели. Ставете се себеси на прво место. Речете НЕ! Тргнете ги од својот живот луѓето што не заслужуваат да бидат во него. Оној кому не му е важна вашата среќа не треба да биде дел од вашето секојдневие.

Не може да биде поедноставно од ова. Да – ќе боли. Да, ќе биде тешко. ДА, ЌЕ ПОМИНЕ. За некои луѓе не треба да правите жртви. Запомнете го тоа!

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот