Проект на издавачка куќа „ТРИ“ – превод на висококвалитетна литература на македонски јазик

0

Европски приказни во издание на ТРИ и Калеидоскоп на издавачката куќа Паблишер се едиции поддржани од програмата „ Креативна Европа“ на Европската Унија. Проектите вклучуваат превод на по десет исклучителни дела од десет европски земји на македонски јазик.

Проектот има три главни цели. Прво, настојува да го поддржи циркулирањето на висококвалитетна европска литература и да ја промовира јазичната разновидност на европските народи преку преведување дела од јазиците кои се помалку застапени во програмите на македонските издавачи. Покрај тоа, со вклучување на автори кои никогаш не биле преведени на македонски јазик, целта на проектот е подолгорочно да ја зголеми меѓународната разновидност на квалитетни дела. Втората цел на проектот е да го поддржи преведувањето на помалку застапените жанрови, вклучувајќи збирки раскази, драми и литература за деца и млади. Последната цел на проектот е да го подобри пристапот до овие книжевни дела проширувајќи ја традицијата на објавување и дистрибуирање книги во нашата земја, со посебно внимание на објавување и дистрибуирање на е-книги.

Проектот му нуди на читателот избор од современи дела на наградувани и реномирани автори, од кои петмина се добитници на Наградата за литература на Европската Унија. Повеќето од нив потекнуваат од земји чии јазици ретко се преведуваат на македонски. Токму затоа, проектот ќе придонесе за остварување на главната цел, а тоа е промовирање на дела од понепознати јазици.

Високиот квалитет на предложените дела е потврден со многуте награди што ги имаат добиено нивните автори. Помладата генерација автори е претставена со петтемина добитници на Наградата за литература на Европската Унија, но и со „највозбудливиот драматург на нашето време“ Флоријан Зелер (неколкукратен добитник на наградата „Молиер“). Освен една од најнаградуваните авторки за жанрот фантазија, Сузана Кларк („Хуго“, „Локус“ за најдобар дебитантски роман, Наградата за најдобар роман на весникот Тајмс и Светската награда за најдобар фантастичен роман), проектот вклучува и тројца од најистакнатите европски творци на литература за млади читатели – Круш, Улсон и Функ. Со понудата на вакви дела со неприкосновена литературна вредност, нашиот проект се стреми да го култивира и вкусот на читателската публика.

Култната „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман пристигна на македонски

Издавачката куќа „Паблишер“ ја објави една од најпопуларните книги за млади од жанрот фантастика – „Книга за гробиштата“ од прочуениот британски автор Нил Гејман, познат во светот по големите бестселери „Коралина“, „Ѕвезден прав“, „Океан на крајот од патот“, „Американски богови“, како и по многуте филмски и телевизиски адаптации на неговите дела.

Книга за гробиштата“ е најуспешното дело на Гејман, кое во иста година му ги донесе најпрестижните награди во САД и Велика Британија – „Хуго“, „Њубери“, „Локус“ и „Карнеги“ – како потврда за големото мајсторство на Гејман и неверојатната умешност како раскажувач со исклучително богата имагинација.

Книгата e волшебна приказна за љубовта и пријателството. Ник Овенс е обично момче кое живее на необично место – на старите градски гробишта. Таму е воспитуван и образуван од духови, под старателство на едно суштество кое не е дел ниту од светот на живите ниту од светот на мртвите. Истовремено трагична, страшна, но и топла приказна чија тема за заедништвото и семејството ги обединува сите, без разлика на кој свет му припаѓаат. Со моќна порака и незаборавни ликови, ова е книга во која уживаат и помладите и повозрасните читатели кои веруваат во подобар свет и повозвишени идеали.

Книгата е дел од едицијата „Калеидоскоп“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Крах – Ина В’лчанова во издание на Издавачкиот центар ТРИ

Островот Крах не е мрачен роман, не дозволувајте да ве поведе насловот. Се надевам дури и дека успеав да го направам малку смешен. Во него се раскажува за желбата да го контролираш светот и за копнежот да бидеш слободен. Но и за онаа необична работа што ја нарекуваме ’судбина‘. А патот на судбината секогаш крие извесна иронија.“

Островот Крах е приказна за две жени или, поточно, приказна раскажана од две жени. Овие два главни лика не се познаваат, а сепак постои некоја магична поврзаност меѓу нив: едната е астролог аматер и во ѕвездите прочитала дека на другата ѝ се заканува крах. Секоја од жените го знае само својот дел од приказната и наративните делови – два лични универзума, толку различни а сепак толку слични – треба да бидат сместени во една целина од страна на читателот, како сложувалка. Деловите се приказни за различни луѓе и предели, и за еден далечен и фасцинантен остров на кој би можел да се случи предвидениот крах. Приказните допираат многу различни теми, но во својата суштина романот зборува за човековите нагони и фрустрации, копнежот и реалноста, љубовта и предавството, за желбата и невозможноста да ги споделиме богатството и тегобите на душата.

Што е „крах“ и дали воопшто постои такво нешто? И што е „успех“ или „победа“? Што значат тие на големото платно на универзумот? Создавајќи ја сликата на судбината, нивните потези секогаш кријат извесна противречност.

Романот е дел од едицијата „Европски приказни“ поддржана од проектот „Креативна Европа“ на Европската Унија.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.