Приказна за добра ноќ

0

Кога последен пат некој ви раскажал приказна за добра ноќ? Не се ни сеќавате? Сигурно тоа било одамна, кога сте биле малечки и кога едвај сте чекале да се наместите во удобниот кревет на штотуку испраната постелнина и да го слушате милозвучниот глас на мама додека ја раскажува омилената приказна…

Дозовлете оваа вечер ние да ви раскажеме една приказна.

Еднаш, не толку одамна во едно царство си живеела една девојка. Таа никогаш не посакувала да стане принцеза. Едноставно, само сакала да биде добра, почитувана и сакана. Нејзиното царство било еден двособен стан кој го наследила од мајка и. Во царството немало слуги, затоа што хероината не била мрзелива и секогаш со задоволство приготвувала ручек, ги миела садовите и ги одгледувала зачините во големи саксии во кујната.

Неа животот не и бил лесен, впрочем како што не и бил лесен животот ниту на Пепелашка, ниту на Снежана. Како средношколка ја изгубила мајка си, набрзо потоа и нејзиниот дедо. Била приморана да работи и да студира истовремено, притoа внимавајќи да не остави многу апарати уклучени на струја како би заштедила на сматката за струја. Немала многу пријателки и не одела во диско, вечерите ги поминувала дома, стуткана во волнено ќебе на малечкиот двосед. Знаела каде е потрошен секој денар, успевала да си купи модерни фармерки, дискретно се шминкала. Таа никогаш не сонувала за Принцот. Знаела дека тој никогаш нема да дојде, затоа што таа не е принцеза и никогаш нема да биде.

Сонувала за Човекот. Да, сонувала за еден најобичен човек, со искрена насмевка, голема душа и раце кои знаат да гушкаат. И бидејќи соништата се исполнуваат, еден ден, од нигде никаде се појавил Човекот. Не се запознале на никаков бал, едноставо се сретнале во книжарницата каде таа кога ќе успеела да заштеди некој денар плус си купувала по некоја книга. Денес, девојката живее заедно со тој човек. Имаат две деца. Не се постојано среќни, понекогаш имаат проблеми, но успеваат да ги надминат. Нивната љубов нема да биде вечна, оти и самите не се вечни. Но, еден за друг се незаменлви. Нивното царство повторно е еден стан, сега малку поголем. Ама е волшебен и исполнет со многу љубов и нежност. Исто како големите царски палати од приказните.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот