Претфестивалски „Полски пикник“ во Музејот на современата уметност во Скопје

0

На деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ програмата „Земја во фокус“ ќе биде посветена на полската документаристика. Токму затоа, заедно со Филмската фондација Краков и Амбасадата на Република Полска, на 11 август (сабота), од 17 до 23 часот, ќе се одржи настанот „Полски пикник“ во Музејот на современата уметност – Скопје.

Филмската програма на настанот содржи десет кратки документарци кои од 1961 до 2000 година биле наградени на Филмскиот фестивал во Краков, Полска, фестивал кој набргу ќе ја одбележи својата 60-та годишнина.

Отворањето на програмата „Земја во фокус: Полска“ на годинашниот „МакеДокс“ со неколку зборови за полската документаристика, со мало освежување и полска музика, ќе се случи во 17 часот, а потоа ќе следуваат две филмски тури.

18:30 часот – Прва тура кратки документарни филмови (89’) во киносалата на МСУ:

-„Музичари“ на Казимјеж Карабаш, награден со „Златен змеј“ во 1961 г. (9’)

-„На пруга“ на Бохдан Косињски, награден со „Златен коњ“ во 1971 г. (11’)

-„Основно училиште“ на Томаш Зигадло, награден со „Златен змеј“ во 1971 г. (16’)

-„Коса“ во режија на Марек Пивовски, награден со „Златен коњ“ во 1972 г. (17’)

-„Болница“ на Кшиштоф Кишловски, награден со „Златен змеј“ во 1977 г. (20’)

-„Седум жени на различна возраст“ на Кшиштоф Кишловски, награден со „Златен коњ“ во 1979 г. (16’)

20:00 часот – Пауза и мала закуска за публиката

21:00 часот – Втора тура кратки документарни филмови (79’) пред МСУ:

-„Буквар“ на Војцех Вишњевски, награден со „Златен коњ“ во 1981 г. (8’)

-„Сцени од животот на човекот“ на Бохдан Ѕиворски, награден со „Златен змеј“ во 1983 г. (20’)

-„Сешто може да се случи“ на Марсел Лозињски, награден со „Златен змеј“ во 1995 г. (39’)

-„Сестри“ на Павел Лозињски, награден со „Златен коњ“ во 1999 г. (12’)

22:30 часот – Журка со полска музика

Претфестивалскиот настан „Полски пикник“ се случува во соработка со Филмската фондација Краков, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје.

Влезот е слободен.

Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе биде отворено на 16 август и ќе трае до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.