Преспа – убавина која вреди да се доживее повторно

0

Кога странците ќе речат – имате земја со безвременска убавина, ние сме горди и потврдно климнуваме со главата, бидејќи убаво е кога ти ја фалат земјата.

Но да бидеме реални, колкумина од нас ја знаат детално земјата во која живеат? Секогаш, секоја чест на исклучоците.

Во првата група, се вклучувам и јас. Иако, често пати знам да ја шетам Македонија, да уживам во руралните и недопрени места на нашата земја, сепак, имам чувство дека се уште не ја познавам доволно. Ова чувство беше потврдено неодамна, кога за првпат во мојот возрасен живот, се вратив во Отешево. Село кое се наоѓа на околу 1 километар западно од северозападниот брег на Големото Преспанско Езеро, вгнездено на мала висорамнина во подножјето на планината Галичица опкружено со густа дабова шума, на надморска височина од околу 900 метри.

Тука е преубавото езеро кое ти ја смирува душата и остава простор да размислуваш за себе, за животот, те тера да се „изгубиш“ во неговата убавина.

Престојувавме во прекрасен комплекс во рамките на ова место, кој работи само 4 месеци во годината. Во хотелот, само две соби со Македонци, другите сите странци. Знаат тие каде да дојдат и да уживаат.

Топол јулски ден, исполнет со звуци на птици, вода и зеленило. Милина. Една прошетка после патот, веднаш дава енергија да се истера денот до крај. А таму, на крајот од денот, прекрасно зајдисонце. Си велиш, зошто порано немам дојдено тука, каде што нема потреба од телефон, телевизор или каков било дигитален уред. Тука се потсетуваш како беше порано, кога социјалниот живот се случуваше надвор.

Седнав на клупите кои гледаат накај езерото, плажата, од таму доаѓаат звуци на млади девојки кои пеат забавни песни, кажуваат здравици во чест на нивната другарка која ќе прави свадба. Десно од мене, пак, деца играат одбојка на песокот, иако е речиси темно.

Лево од мене, се коси тревата, се наводнуваат тревниците, а останатите присутни тивко си разговараат уживајќи во глетката. Совршена комбинација за крај на денот.

Утрото, пак е посебна приказна. Се будите со сонце кое продира низ дрвјата, го слушате звукот на птиците и водата. Утринско кафе на плажата во Отешево, појадок во глетка од милион долари.

Да, имаме и ние во Македонија таква глетка, не една, многу ги имаме само треба да ги истражиме.

Кога веќе сме во Отешево, редно е да ги прошетаме и другите плажи, освен „нашата“. За жал, состојбата таму не е како што очекувавме. За момент, ни се расипува идилата.

Автокампот „Отешево“ е заборавен, а некогашните хотели „Европа“ и „Југославија“ пропаѓаат откако беа опожарени пред десетина година. А толку многу потенцијал на едно место.

Следна дестинација – Стење. Уште едно село во Општина Ресен, кое стана познато по преубавата плажа.

Селото не се наоѓало секогаш на денешната местоположба. Се претпоставува дека претходно се наоѓало во месноста Св. Атанас (зад стените) на околу 1,5 километар јужно од денешната местоположба на селото. Не се знае годината кога се случила преселбата, додека како причина се наведува поплавувањето од надојдените води на езерото.

Додека сте во Стење, имате чувство дека сте на море. Песочна плажа, средено крајбрежје, чиста вода и убаво окружување.

После два дена поминати во Преспанскиот дел од Македонија, задоволни се враќаме во Скопје, со впечатоци кои ќе продолжиме да ги споделуваме.

Македoнија, убава, наша, неистражена… земја која чека нејзините убавини да ги откриваме повторно и повторно….

Билјана Настеска – Каланоска

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот