Пред да почнат децата со училиште, не треба да се оптоваруваат со информации; 12 совети од Михаил Лабковски, руски психолог

0

Михаил Лабковски е популарен руски психолог, кој преку 12 совети им препорачува на родителите како да го раснат своето дете и да имаат што помалку конфликти со него, но и со себе, односно како да не дозволат училиштето да го уништи.

Совет 1

Пред да почнат децата со училиште, не треба да се оптоваруваат со информации и знаење. Нема потреба од шах, странски јазици и други начини за поттикнување на интелектуалниот развој. До 6-7 години, мозокот на детето не е подготвен да прима голема количина на информации. Вие беспотребно ќе губите пари, а детето – детство.

Совет 2

Немојте веднаш да барате „јаки“ училишта. Во пониските одделенија за детето е најважно да постигне психолошки комфор. Затоа, одберете нормално улилиште, кое е најблиску до домот. Детето нема да троши сила и енергија за одење и враќање, а ќе му биде полесно да гради однос со другарите од класот, ако тие живеат во соседството.

Совет 3

Првата учителка не треба да биде строга, туку добра. Вам ви треба адекватна учителка која сака деца и работи во училиште затоа што си ја сака професијата. Затоа, штом дојде пролет, појдете во блиските училишта и распрашајте се кај родителите на оваа тема. Тие ќе ве насочат најдобро.

Совет 4

Училиштето е одговорност на децата, не е ваша. Можете да земете одмор првите две недели кога ќе бидат прво одделение, а потоа договорете се со детето: „Мене твоето училиште не ме вознемирува и не ми прави проблеми. Затоа нема ниту јас тебе да ти го правам тоа.“

Совет 5

Престанете да прашувате како поминал секој час и детално да ги разгледувате оцените. Немојте да направите темата „училиште“ да стане табу. Ако детето сака да разговара за тоа, ќе разговара. Ако не сака – не му треба некој со клешти да му ги вади зборовите од уста.

Совет 6

Домашната не треба да ја работите заедно со детето, не треба да му ја подготвувате училишната торба, не треба вие да водите сметка за тоа. Мислете малку и на себе – тоа дете еден ден ќе треба да внимава на вас во староста. Ако сè правите вие наместо него, тоа во иднина ќе донесе големи проблеми.

Совет 7

Секако дека на своето дете можете да му помогнете. Првото прашање на оваа тема е кој треба прв да каже. Детето треба да ја побара помошта. Тоа треба да рече: „Мамо, јас ова не го разбирам“. А не вие постојано да му приоѓате и да го прашувате дали е се во ред, дали му треба нешто и слично.

Совет 8  

Ако наставниците не го сакаат вашето дете, тоа е проблем што ќе мора да се реши. Пробајте прво да разговарате со нив, а потоа со директорот на училиштето. Ако тука видите дека нема повратна реакција, тогаш одете понатаму. Можете да го преместите во друго одделение, па дури и во друго училиште. Во никој случај не треба детето да биде оставено во состојба на постојан стрес.

Совет 9

Пубертетот е најтешкиот период во животот на вашето дете. Почнува некаде помеѓу 12 и 14 години, а завршува до 16-тата година. Тоа е време на сложени психички и физички промени, хормонален дисбаланс, психолошки проблеми и замор. Тоа е период кога децата полагаат и приемни испити. Може да се случи од дете со сите петки, да стигне до добар со тројки. Мојот совет е следниот: ако не сакате конфликти и тешки проблеми, вклучувајќи и обиди за самоубиство – оставете го детето на мира. Ваша задача е да се погрижите тој период да помине што помирно и побрзо, за да заврши тинејџерскиот кошмар.

Совет број 10

Не треба да бидете во отворен конфликт со училиштето оти најверојатно ќе ја изгубите битката. Кога ќе ве повикаат на разговор, ќе ви зборуваат за промена на програмата, за нејзината комплексност и тежина, за тоа како треба и дома да поработите со детето, вие не се противете, само согласете се и продолжете по свое.

Совет 11

Не е неопходно посебно да се посветите на развивање на талентите кај детето, ако тоа не сака. Талентот треба да биде радост, а не по секоја цена да биде искористен.

Совет 12

Најважно од сè е да го прифатите своето дете такво какво што е и да не очекувате од него ништо. Не е важно како учи, сакајте го заради него, без разлика што прави. Да, кога ќе има 15 години ќе биде потешко отколку кога имало 5. Детето не треба кај вас да предизвикува некакво одбивање. А за да биде така, треба прво да се сакате себе.

Извор: family.rs

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.