Православните христијани денеска го слават Велигден

0

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца во црвена боја и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја потенцираат својата вера во Воскресението. Оваа традиција и до ден денес е запазена, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден, празник кој се одбележува четриесет дена по Велигден.

Велигден се празнува три дена и претставува т.н. подвижен празник, што значи дека неговиот датум се менува секоја година, но секогаш мора да биде во недела.

Велигден се слави првата недела по полна Месечина по пролетната рамнодневница. Исто така, православниот Велигден не може да се празнува ист ден или пред Пасха (еврејски подвижен празник). Кај православните христијани, кои го користат стариот Јулијански календар (Српската, Руската, Ерусалимската црква…), како и кај православните христијани кои го користат реформираниот Јулијански календар (Грција, Бугарија, Романија, Цариградската, Кипарската и Александриската црква), Велигден е секогаш меѓу 4 април и 8 мај. Кај останатите христијани кои го користат новиот Грегоријански календар, Велигден е секогаш меѓу 22 март и 25 април.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот