Популарниот амстердамски бенд MY BABY на Д ФЕСТИВАЛ!

0

Атрактивното психоделично-шаманско трио MY BABY е најновото име што го потврди своето учество на Д Фестивал 2018 придружувајќи се кон импресивната листа на изведувачи. Стационирани во Амстердам, им беа потребни само три години за да го привлечат вниманието на светската критика, фестивалите и публиката. Денеска нивните настапи во живо се омилени на фестивалските бини низ Европа, за што сведочат дури шест настапи на гигантскиот Гластонбери и исто толку номинации и награди за „Најдобар албум“ и „Најдобар изведувач во живо“. Сепак, нивниот експресен успех не е случаен. Братско-сестринскиот тандем Шеик Ван Дајк (тапани) и Като Ван Дајк (вокали)  и новозеландскиот гитарист Даниел „Да Фриз“ Џонстон работеа интензивно и прекувремено да ја достигнат проектираната замисла за креирање возбудлив звук составен од мочуришни блуз и фанки влијанија, хипнотички битови, треперливи соул вокали и психоделични гитарски рифови.

Претставувајќи го материјалот од своите 3 албуми („Loves Voodoo!“, „Shamanaid“ и „Prehistoric Rhythm“), концертите на МY BABY стекнаа репутација на вистински моќно вуду транс искуство коешто го искуси публиката во Европа, Азија, Нов Зеланд, Австралија и САД. Нивната оригиналната уметничка визија, во која се проникнуваат влијанијата на духовната музика (госпел и вуду обредите) и шаманистичките ритуали, најдобро може да се почувствува во живо, за што сведочат бројните суперлативи искажани во рецензиите и извештаите за нивните настапи на најпрестижните светски фестивалски и концертни подиуми. Ова лето на 8-ми јули на главната бина на Д ФЕСТИВАЛмакедонската публика ќе има премиерна прилика да провери зошто музичките професионалци и публиката ги сметаат MY BABY за фестивалски „must see“.

Годинашниот Д ФЕСТИВАЛ ќе се одржува од 6-ти до 8-ми јули во Дојран и со потврдениот настап на MY BABY музичката програма на Фестивалот веќе брои повеќе од 40 учесници меѓу кои PAUL VAN DYK, АРХАНГЕЛ, DISCIPLES, FINK, SEVDALIZA, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, PUSSY RIOT, ГОРАН ТРАЈКОВСКИ, SMUT, SONIC SPECIES, WHO SEE, TRAP DA FUCK UP, FRENKIE, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, BRKOVI, HELEM NEJSE, ГОЦЕ САФ, ЧВАРЕ, СТАРЈК, KOALA VOICE и многу други, а листата продолжува секојдневно да се надополнува. Но тридневниот музички маратон не е единствениот дел од овој уникатен настан, па за време на Д ФЕСТИВАЛ публиката во Дојран ќе има привилегија да биде дел и од раскошната културно-уметничка програма која се одвива во повеќе од 10 различни Фестивалски зони каде што Д ФЕСТИВАЛ ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници и гости.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар