Покемон? Ај не!

0

Си седам пред некој ден по дома лабаво, дојдена од работа и мртва уморна. Низ глава ми се врти пица, а ми се оди и на одмор годинава…И демек да испразнам мисли (може ќе го снема апетитов) отварам да видам што има ново по Fb и што да видам. Покемони! Секаде Покемони!

Прво си мислев некој нов цртан филм, па си викам нека го изгледа некој од друштво ќе каже како е, па ќе си го симнам. Може некоја сабота навечер. И така не дека има што да се прави по градов за викенд.

Арно ама, овие моиве ни спомнуваат, па си ќутам, да не излезам јас нешто попаметна од нив.

И така наеднаш, зборам со другар ми, вика ај да бркаме Покемони. Брат, ја ништо не бркам. Додуша еден Столе у основно, па кога сум го фатила, што ќутек му удрив…И еден Јане у средно, среќа што го фатив, уште сум со трауми од таа врска.

Да признаам, брзо сфатив дека е игра некоја. Демек зимаш телефонот и следиш насоки и поентата е да фатиш Покемон. Не се лутете ако не сум сфатила добро, до толку ме интересираше да дознаам. До моментот кога слушнав дека кај Америве поставиле табли на автопат кај што пишува дека не смеат да играат додека возат. Мислев тоа само за пиење важи, ама кој да знае како напредува свет…

И сега, не сум играла па не тврдам со сигурност дека не е забавно, ама се додека ми изгледа глупаво нема ни да почнам! Мислам, сериозно кој Покемон побогу ви е на вас?

Колку имате вие слободно време во денот за вакви работи? Здрав, прав, возрасен и да тепаш време на такви игри? Жени и мажи треба да бркате и бизниси бре луѓе, не Покемони!

Нема Покемон да ти дојде дома да ти наполни фрижидер или да ти згрее кревет. Нити ќе те праша како си кога ти е тешко. Додуша, може ќе те натера да излезеш од дома, ама во ничија корист, затоа што ти ќе гледаш во телефон и тоа е се што ќе ти се случи вечерта.

Да не ви се мешам во изборот, ама онака другарски си коментирам, дај опрајте се дур е време!

Поздрав,

Срна