Поезија за душа

0

Поезијата е стара колку и човештвото и исто толку различна. И секој стих кај нас буди емоции, растреперува, насмевнува, расплакува. Затоа што поезијата ни го грее срцето и го менува светот.

Го менуваме вашиот свет со поезијата на Влада Урошевиќ.

poezija1804

Панична планета

Земјени брани чии чувари ги хранат кртовите наоколу.

Пожарникарски коли што вљубенички се фрлаат во вулкани.

Возови без прозорци и врати во кои се возат слепи патници.

Отстрел на ѕвезди-преселници од државните опсерватории.

Езера затворени во кафез и набљудувани од воздух.

Продавачки на порцелан обвинети поради земјотреси.

Планини што бавно но сигурно се доближуваат кон градовите.

Морски приливи и одливи како дишење на тешко болен.

Паника во киносалите во кои се прикажува милион пати зголемена

ружина латица.

(збирка „Сонувачот и празнината“,1979)

Привремено засолниште

Сите велат дека тука е безбедно.

Седиме меѓу урнатини,

некои варат чај врз отворен оган.

Мајките си ги дојат децата.

Опасностите се поминати,

ако воопшто и постоеле.

Авионите не ќе можат да нè најдат.

Има дури и нејасни љубовни договори,

шепотења, разврзувања на бовчи.

Само јас знам

дека зад насипот, веднаш тука, блиску,

застанати за миг во потрагата по нас

лежат влакнести коњаници во овчи руна

со тешки сабји

но немам срце

тоа да го соопштам.

(збирка „Хипнополис“, 1986)

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот