Поетскиот трепет на Гане Тодоровски

0

Гане Тодоровски е роден 1929 година во Скопје, каде завршил основно училиште, гимназија и Филозофски факултет. Работел во весникот „Млад борец“, потоа како асистент, а по докторирањето станува редовен професор на Филозофскиот факултет. Почина 2010 година во Скопје.

Поетското творештво на Гане Тодоровски ги следи сите три фази на развој на македонската поезија. Во првата фаза тој својата поезија ја посветува на татковината, а во втората фаза, неговите песни се интимни, искрени, длабоко копнежливи. Третата фаза, пак, е урбана, современа, каде ја искажува својата загриженост за човековото секојдневие во светот во кој живееме.

gane todorovski 2

Гане Тодоровски на специфичен начин, на сосема свој јазик ги искажува своите поетски трепети. Карактеристични за него се неологизмите, бескрајната низа зборови кои ги создава и пресоздава (непрегор, неизгор, непребол, непремолк, непобедници, севезден итн).

Го издвојуваме најдоброто од Гане Тодоровски, неговите волшебни стихови кои се мелем за душата…

„Милувам прашинка да си,

тих повеј да ми те донесе…

Прашинка љубов, прашинка ништотна,

прашинка невидна,

но сепак љубов, сепак љубов.

Дај да те имам во дланкиве

Нетежина, Несетило.

Дај да поверувам дека си во мене,

стуткана некаде во мене. “

gane todorovski 3

„Се родив

Тоа е совршен факт

 Живеам доста

Тоа е веќе непорекливо

 Кому му требам

Секој е должен сам да знае

Пречам ли некому

 Нека ме одмине

 Премногу е непожелно

 Да бидам одбран за враг

 Вражја е живеачката

 А јас сум рековме нејзин факт

  Ќе умрам колку за доказ

  Дека навистина сум живеел. “

„Родена за да се родиш на мојот љубовден

И прв и последен, јас Те именувам МОЈА!

До тој ден те прижелкувам по севезден

И дните стопати до прекапнување ги бројам. “

„Зборови скудни, вие предавници мили,

Речете и: За Тебе сме сочувани низ сите Харибди и Сцили

Во чувствата на оној што треба да е твој,

Твој во најсвидните денови неспокој. “

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.