Поетот Маџиров со читање ја отвори ,,Првата ноќ на европска поезија” во Минхен

0

Поетот Никола Маџиров со читање синоќа ја отвори ,,Првата ноќ на европска поезија” на меѓународниот Фестивал на литературата во Минхен, кој се одржува до 2 декември.

Во фокусот на фестивалот е современата европска поезија, а три ноќи се посветени на современите поетски текови на Европа. На првата ноќ освен Маџиров, настапија и поети од Украина, Чешка и Словенија, заедно со двајца музичари.

На фестивалот гостуваат годинашниот добитник на Златен венец на СВП, полскиот поет Адам Загајевски, бугарскиот поет и раскажувач Георги Господинов, британскиот поет Џон Брнсајд и автори од Данска, Унгарија, Литванија и други европски земји.

Уметникот Андреас Амер режираше кратко видео според песната на Маџиров „Што треба да се направи” кое ќе се прикажува за време на фестивалот.

Германскиот дневен весник „Зудојче Цајтунг” во вчерашниот број ги пренесе зборовите на Маџиров за моќта и кршливоста во европскиот книжевен контекст:

– Кршливоста на Европа е опасна зашто не може да се види, како напукнат камен во мозаик што се спротивставува на времето и дивите копачи. Ја сакам Европа поради нејзината имагинативна и вистинска широчина која ми дозволува да бидам сам кога не сакам да се вратам во собата на тесната географска или книжевна дефинираност. Европа е градена од јазици и можеби затоа е кршлива, органска, нескротлива, рече Маџиров.

Пред неколку години германскиот оперски режисер Андреас Видерман во минхенската изведба на „Орфеј и Евридика” како финале ја вклучи песната на Никола Маџиров „Кога некој заминува…”, според чии стихови музика напиша композиторот Ернст Бартман.