Подобро сам или во лоша врска?

0

Прашање кое го мачи секој втор човек – дали е подoбро да бидам сам или да издржам уште малку во врскава, можеби ќе се смени нешто?

ПОГРЕШНО!

Ако не се сменило досега, многу веројатно дека нема да се смени во иднина.

Во однос на темата, постојат два типа на луѓе:

– оние кои се свесни во каква врска се наоѓаат и гледаат да излезат што побргу;

-вторите се тие кои што се лажат себеси дека се во добра врска и почнуваат да веруваат во сопствените лаги;

Првите не се проблем, кога-тогаш ќе се соочат со ситуацијата и ќе продолжат понатаму.

Вторите се тие кои се удираат од ѕидови постојано и не можат да најдат излез.

Чудни сме ние луѓето кога станува збор за љубов. Упорно се обидуваме да ја дефинираме, да и дадеме слика и тон, а всушност ако се случи вистинска љубов, дефиницијата доаѓа сама по себе. И секогаш е различна, во секоја врска.

Зошто тогаш остануваме во лоша врска, зошто се губиме од патот?

Знаете, кога Црвенкапа се изгуби од патот, волкот беше тој што имаше најмногу корист од тоа. Иако, заради среќен крај, таа преживеа заедно со нејзината баба, сепак патешествието беше тешко.

Кога сме во лоша врска, сите работи кои не ни одговарале порано, за кои сме мислеле дека никогаш нема да ги направиме, сега магично ги оправдуваме. Нашите потреби се од втор ред, потребите на партнерот доминираат.

Зошто тогаш воопшто сме во лоша врска, зошто ако раскинеме, се обидуваме очајно да го вратиме партнерот, дали тоа се граничи понекогаш со лудило и најважното прашање – како да се спасиме од овој пеколен круг?

Истражување направено на оваа тема во 2011 година, објавено од страна на Psychologytoday, ги зема жените за пример, како посклони кон вакво однесување. Станува збор за личности кои имаат ниска самодоверба и не се среќни со својот изглед. Заради тоа, се намалуваат очекувањата од врската.

Во текот на врската се раѓаат позитивни илузии за партнерот и истите продолжуваат, иако врската завршила. Тоа се оние случаеви кога девојката или момчето почнува да го следи секој чекор на поранешниот партнер, да биде секаде каде што е тој во моментот.

Порано, заради потешкиот пристап до интернет, ова беше тешко изводливо. Денес, благодарение на апликациите кои ги користиме, сè е возможно. Дел од вината носат и социјaлните мрежи кои ни ги изместија приоритетите, но тоа е веќе друга тема.

Жално е што се сведовме на тоа – демнење на социјални мрежи, чекање на некаква реакција од другата страна. Сигурно имате некоја пријателка која во моментов седи пред компјутер или на телефон и чека да види каде ќе се појави екс-партнерот, со кого ручал, пиел пијачка и слично. Кога сме во лоша врска, забораваме дека имаме и други опции кои ако ги искористиме, значат подобрување на ситуацијата.

Се сеќавате на филмот The Crush, со Алиша Силверстоун која што го опседнува соседот, откако тој ќе ги одбие нејзините сексуални услуги? Благодарение на социјалните мрежи, ова сега се случува сосема легално.

Но, не е целта да се биде во врска каде што едниот се обидува да манипулира, да избега, да стави крај, а другиот по секоја цена останува слеп и глув. Да, стравот од самотија е тој кој доминира во лошите врски и не тера на вакви постапки, но мора да се најде излез.

Во животот е подобро  да се биде сам од вистинска причина, отколку со некого од погрешна. Доста е веќе со оправдувања од типот „ние припаѓаме заедно“. Не постои такво нешто. Постои љубов, приврзаност, заеднички интереси и иднина. Ако го нема ова, сè друго е попусто.

Врските треба и можат да бидат здрави, среќни и убави. Врската со друга личност е она безбедно прибежиште кое го имате, кога животот е тежок и не оди на добро. Запамтете го ова и дајте си вредност следниот пат кога некој ќе ве потцени. Вие имате вредност!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.