Почувствувајте ја Преспа со цела нејзина убавина

0
фото:macedonia.for91days

Преспа, уште една дестинација кај нас која има посебна убавина. Ако досега не сте биле или барем не сте поминале оттука, сторете го тоа и ќе бидете побогати за уште едно искуство.

Заборавете на останатиот свет заборавете на хотели со пет ѕвезди, на сè што може да ја наруши сликата која ја имате гледајќи го Преспанското езеро. Не се обидувајте да го споредите ова место со ниту едно друго, туку пробајте да го впиете во целост такво какво што е.

Котлината Преспа крие во себе две езера – Големото и Малото. Од север е заградена од планината Бигла, од запад од Галичица, од југ од Сува Гора и од исток од Баба. Каде и за се завртите, можете да почнете нова авантура, ново истражување.

фото: macedonia.for91days

Додека сте тука, посетете ја црквата Св.Ѓорѓи во селото Курбиново која има извонреден фрескоживопис од 1191 год. преставува еден од неколкуте бисери на среновековното сликарство во Македонија. Изградена е во 1191 година (XII век), што се гледа од натписот над олтарот за време на владеењето на Исак II Ангел.

Се наоѓа во непосредна близина на Преспанското езеро. А езерото е една посебна приказна која треба да ја доживеете. Плажата ви дава впечаток дека сте на некое други место, климата е идеална за уживање и опуштање, не само во текот на летото, туку преку целата година.

Во Големото Преспанско езеро има два острова: Голем град или Св. Петар и Мал град или Св. Павле. Островот Голем Град, кој е ненаселен, прогласен е за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот Голем град е долг 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото.

Островот Св. Павле е помал – долг е 300 м, а широк 150м со 25-30 м највисок дел на езерото. На Голем град секоја година се вршат археолошки испитувања, постојат археолошки наоѓалишта од ранохристијанскиот период и базилика од словенскиот период.

Крапот е најквалитетната и репрезентативна риба во Преспанското Езеро. На жалост, во 1974 година со употрeба на погрешен пестицид за авионско прскање од комарци, крапот во големи количини е затруен. Во годините кои следеа, се регенерираше, го немаше во поголеми бројни количини и поединечни големини. Во деведесеттите години од минатиот век се појавија мали сомови и аквариумски караси со големина до 10 см.

Легендата за неговото настанување вели вака:

На местото на денешното убаво Преспанско Езеро, се простирало широко плодородно поле. Во близината на ридот имало седум кладенчиња, кои никогаш не замрзнувале. Нивните бистри води биле гордост за цела долина. Навечер кладенчињата со чепови се затварале. Во тоа време, две племиња, постојано биле во војна за убавата долина.

Ќерката на кнезот од едното племе Преспа, била многу убава. Таа секоја вечер одела под ридот, до кладенчињата, по вода. Еднаш, кај кладенчињата Преспа го видела синот на кнезот од другото племе, Лабид. Нивните погледи се сретнале. Срцата им затрепериле. Се родила љубов. Оттогаш, младите почнале скришум да се сретнуваат. Една вечер, младиот Лабид, ја чекал убавицата недалеку од кладенчињата. Таа стрчала, намерно ги извадила седумте чепа од кладенчињата и водата бликнала на долж и шир по долината.

Кога ја видел младичот, со неколку скока ѝ го попречил патот и се нашле лице в лице. Се фатиле за раце и тргнале кон ридот. Се качиле на врвот. Се прегрнале и паднале во љубовна игра. Шумолењето на водата и љубовната игра ги успала двајцата млади. Кога се разбудиле, во раните зори, пред нивните очи светнало едно сиво-зеленикаво езеро … Дотогаш, стражарите на двете племиња ги известиле своите кнезови за зголемувањето на нивото на водите. Племињата тргнале на пат – едното тргнало на југ, а другото се населувало во полите на Галичица… Лабид ја прегрнал Преспа и бакнувајќи ја, рекол:

“Сега нема за што да војуваат нашите племиња!“ Младите стапиле во брак, а настанатото езеро, во чест на убавицата се нарекло Преспанското Езеро, а населбата околу него го добила името Преспа.

Извор: wikipedia

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот