По 146 години еден од најголемите светски циркуси заминува во историјата

0

Еден од најголемите циркуси на светот, Ринглинг Брадрс, по 146 години, во мај ќе престане да постои. Ќе ја нема ни претставата „Најголемото шоу на планетата“ со којашто гостувале скоро насекаде во Америка.

Една од причините зошто циркусот веќе нема да работи е намалената посетеност, а зголемените трошоци за неговото одржување. Токму затоа од мај минатата година во претставата нема точки со слонови. Последната претстава ќе се одржи на крајот на овој мај.

Циркусот со егзотични животни, шарени костуми во дречливи бои и акробати кои ѝ пркосат на смртта, уште од средината на 1800-те години се синоним за забава во САД. Сепак, од почетокот на 21 век, децата се сè помалку заинтересирани за овој вид семејна забава, а најголемо влијание на ова имаат интернетот, телевизијата, видео игричките и слично.

Овој патувачки циркус е во сопственост на семејството Фелд од 1967 година. Тие пред само неколку дена им ја соопштиле на своите вработени тажната вест. Кога пред повеќе од педесет години го презеле усправувањето со циркусот, претставата траела скоро три часа. Денеска претставите траат само два часа и седум минути, а најдолгиот сегмент е точката со тигар која трае цели 12 минути.

Слоновите, за жал, својата последна претстава ја извеле во мај лани, а една од причините за нивното повлекување била поврзана со грижата на активистите за правата на животните, но делумно и заради ставовите на Американците кои се противеле на нивната „работа“ во циркусот.

Секако, одлуката за затворањето на циркусот е поздравена со громогласен аплауз од страна на активистите за правата на животните. Организацијата за заштита на животните ПЕТА, истакна дека ова е „крај на најтажната претстава за дивите животни на планетата“ и ги повикува и циркусите од другите делови од светот да го сторат истото.

Со затворањето на циркусот многу идни генерации ќе останат ускратени за едно забавно доживување и прекрасно искуство. Циркусот полека заминува во историјата.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот