Планинска куќа со пријатен, зимски ентериер

0

Кога зимата би била личност, сигурно би се чувствувала инфериорно во однос на летото од причина што голем дел од луѓето повеќе го преферираат.

Можеби е заради едноставноста која ја носи, можеби заради топлината, водата, плажата и сонцето. Но, зимата има свои предности од друга страна, посебна убавина која ако се доживее на вистински начин, ќе посакате подолго да трае.

А за да се случи тоа, зимата треба да се ужива на планина, да се почувствува во целост. Планината е нејзината природна околина, таму каде што може да се пространи колку што сака и како што сака, а луѓето да ја уживаат со сета нејзина белина и убавина.

Кај нас и во светот постојат многу планински места кои го одземаат здивот, посебно во овој период. Љубителите на зимата сакаат дел од годишниот одмор да го поминат на планина, покрај оган, со топол напиток, со скијање и останати зимски активности.

Во зима, исто како и во летниот период можете да изнајмите викенд куќа или ако поседувате ваша сопствена, да поминете некое време таму во најстудените денови.

Уредувањето на зимските куќички може да биде вистинско доживување. Зимскиот амбиент бара одредени работи кои ќе му донесат топол изглед на домот, удобност која ја посакува секој човек после ден поминат на снег.

Mаса од дрво, слабо осветлување, ентериер инспириран од природа, полици за вино, но и полици за книги во кои ќе уживате со чаша вино покрај каминот.

Дрвата кои ќе ги користите за загревање, идеално би било да им најдете посебен простор внатре во куќата, за да не мора да излегувате надвор на студено за да го засилите огнот.

Уште еден агол каде можете да ставите рамка од дрво со метална преграда до половина, каде ќе бидат наредени дрвата за огрев.

Имајте колекција од филмови, оние старите класици кои секогаш даваат убаво чувство, посебно ако ги гледате со драги луѓе, покрај оган, во зима.

Зимските куќи бараат топла постелнина, дебели ќебиња под кои ќе се стуткате и ќе спиете како бебе.

Ако има соба во која се наоѓаат големи прозори, направате еден диван веднаш до прозорот, каде ќе можете во текот на денот да уживате во глетката, да пиете кафе или чај. Не мора да биде скапа инвестиција, туку можете да го направите од дрво и да ставите перници за седење на него.

Впрочем, целиот амбиент, целото уредување на овој простор може да се сведе на дрво. Тоа дава посебна топлина и пријатност која ни треба во зима.

Спалната соба е место за интимност и детали кои ќе ја направат да биде ваша. Секој внатрешно уреден простор, за да биде впечатлив бара да се внесе дел од карактерот на сопственикот во него, неговиот животен стил, бидејќи само на тој начин просторот ќе добие душа и ќе заживее.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот