Пелистер – каде што царува спокојот…

0

Доколку сакате бегство од вашиот град, изберете ја Баба Планина. Дозволете си спокој во неограничени количини, прекрасен чист воздух и совршени глетки кои ќе ви ги наполнат очите.

Планината Баба, со врвот Пелистер се наоѓа на јужниот дел од Република Македонија и е со алпски карактеристики. Пелистер е поставен меѓу долините на Пелагонија и Преспа. Стар е околу 465 милиони години и е највисок врв на планината со 2.601 метри надморска височина.

pellister (8)

Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древномакедонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“, во чест на петтоигличниот бор Молика кој го има во изобилие на оваа планина. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел + истер = бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними од претсловенско, античко-венетскиот период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува и означува нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер! Друга легенда пак, вели дека името потекнува од грчкиот збор “peristeri” што значи гулаб, заради белосивиот камењар, кој кога го гледате од далечина заликува на гулаб.

pellister (1)

Флората и фауната на Баба се дел од националниот парк Пелистер. Најзаслужен за добивањето на статутсот Национален Парк е петтоигличниот бор МОЛИКА – што го открил австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година. Моликата ја има и на други планина на Балканот, но тука гради најкомпактна шумска заедница. Шетајќи низ Пелистер ќе наидете на стебла постари од 230 години. Во пролет и лето, ливадите се накитени со разнобојните цветови на пелистерската небесна роса, чуваркуќата и пелистерската качунка.

pellister

Ако ја сакате археологијата, најдете време да ги посетите населбите од железното доба и средновековниот период кои се во непосредна близина на паркот. Следејќи ја долгата магистрала на познатиот пат од Римско време – Виа Игнација, која поминува низ Пелистер ќе имате и вие можност да чекорите по патот по кој поминувале Апостол Павле, македонската фаланга, римските легии и византиските цареви.

pellister (4)

Она што го има Пелистер како дополнителна убавина, резервирана само за амбициозните планинари се двете глечерски езера, наречени пелистерски очи, или познати уште како горски очи. Во овие води се кријат сите тајни на минатото, сегашноста и иднината, кои се инспирација за на многубројни планинари. За тоа говори и фактот што секоја година, особено за време на летниот период, пелистерските очи се набљудувани од илјадници љубопитници. Домашни и странски туристи од целиот свет, од Чешка, Полска, Англија, Бугарија, Словенија… Доказ дека убавината на овие две езера не е само бајка зборува и податокот што заедно со пештерата Врело и Охридското Езеро беа ставени на листата за седумте чуда на природата од страна на Македонскиот комитет за номинација.

pellister (2)

Пелистерските очи имаат своја легенда за настанувањето. Таа вели дека езерата се создале од солзите на двете сестри кои биле вљубени во убавото момче Пелистер. Но, нивната мајка не дозволувала ниту една од нив да се омажи за момчето. Во бес ги испратила в планина и ги проколнала да бидат блиску една до друга, но, сепак, да не можат да се видат. Талкајќи низ шумата, едната сестра дошла до местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов, почнале да леат солзи. И двете пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.

При објавување на  материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот