Орхан Памук, авторот чии книги мора да се прочитаат

0

Орхан Памук е еден од најпознатите турски писатели. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Завршил новинарство на Истанбулскиот универзитет во 1977 година, а од 1985 до 1988 година учел на Универзитетот Колумбија во Њујорк, САД.

Во текот на 2005 година, од страна на две турски асоцијации бил обвинет за неговите тврдења во врска со Ерменскиот геноцид и убивањето на околу 30 000 Курди од страна на турските власти. За истото дело бил ослободен во 2006 година.

Денес, Орхан Памук е еден од најпопуларните турски писатели во светот кој има продадено над седум милиони копии од неговите книги, преведени на педесетина светски јазици.

Неколку од неговите книги ги срушија сите светски рекорди на читаност и вреди да се најдат на вашата листа на романи кои треба да се прочитаат.

Црна книга

Галип е адвокат кој живее во Истанбул. Неговата жена Руја, љубителка на детективски романи, исчезнува. Дали го оставила за својот поранешен сопруг, или пак за популарниот колумнист Џелал? Но излегува дека и Џелал е исчезнат… Со својата лавина од магични приказни за Истанбул, Црна книга е генијална и неконвенционална мистерија, но и провокативна размисла за идентитетот. За читателите на турската литература ова е култен роман во кој Орхан Памук го пронаоѓа својот вистински авторски глас.

Се викам црвено

Султанот мора некако да ја покаже и докаже супериорноста на Отоманското Царство. А подобар начин од доказ за супериорноста на Истокот над Западот е уметноста. Затоа, тој, Султанот, ќе порача книга која ќе го слави неговото владеење. Но, ќе се случи едно мистериозно и неочекувано убиство… Роман за уметноста, убиството, љубовта и филозофијата на една религија

Белата тврдина

Книгата е историска фикција и ги разработува прашањата на идентитетот и релациите меѓу Истокот и Западот. Дејството се случува во 17 век кога еден млад Италијан, кој патува од Венеција до Неапол, е фатен како заробеник и испорачан во Константинопол. Таму паѓа во заробеништво и во годините што следат, го учи својот господар за тајните на модерната наука од медицина до пиротехника. Двајцата мажи почнуваат да ги делат и најинтимните тајни и да ги менуваат своите идентитети.

Музеј на невиноста

Овој роман ќе се запамети како едно од ремек – делата на овој век. Приказната претставува долго и детално објаснување на опсесивната љубов што ја чувствува богатиот бизнисмен Кемал кон Фисун, девојка од пониска класа. Оваа книга зрачи со љубов, и е доказ дека се уште може да се пишува моќна и возвишена литература.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот