Огромни овации и бурен аплауз на премиерата на „Трудна приказна“ на Благица Секулоска која не остави никого рамнодушен

0

Го знаете она чувство кога некој ќе ви влезе во главата, ќе ги извади сите мисли, емоции и ставови кои со години се таложеле и ќе ги стави на сцена, притоа прикажани маестрално? Токму тоа е чувството што ќе го добиете кога ќе ја погледнете претставата „Трудна приказна“ која вчера ја имаше својата премиера во театар Комедија во Скопје, чиј автор е Благица Секулоска.

Секојдневието кое го живееме денес во комбинација со минатото на кое не учеа со години и иднината која не очекува.

Благица Секулоска, на интересен и комичен начин поигрува со се она што го знаеме за историјата, носејќи го некаде во иднината на светот.

Три жени од значајни македонски драми, кои се пример за издржливоста на балканската жена се испратени во иднината, во 2032 година. Авторката на драмата, им доделува можност самите да одберат во кој жанр би сакале да ја продолжат својата приказна. Она што е заедничко за сите три е нивната преголема желба да станат мајки. Така, тие доаѓаат во иднината каде жените немаат потреба од мажи, туку можат да се оплодат вештачки и притоа воопшто да не мораат да комуницираат со таткото на своето дете.

Ленче Кумановче од „Бегалка“, Неда од „Црнила“ и Цвета од „Македонска крвава свадба“ се главните протагонистки околу кои се случува целото дејствие.

Креативноста на авторката дојде до израз кога си поигра со ликовите на овие три жени, давајќи им можност да одберат како ќе продолжат да ја создаваат својата приказна. Она што никогаш не им било дадено за право. Убава промена на приказните кои ги знаеме од минатото и кои бил напишани од мажи, овојпат преку пишаниот збор и пристап на жена, добиваат сосема нов изглед.

Главните улоги им беа доделени на Јелена Жугиќ, Елизабета Стефановска, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Столе Мицов и Едмонд Сотир, а режијата е на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.

Спој на минатото и иднината, разликата меѓу сè она што било и она што не очекува во иднината, доведоа до гласни насмевки кај присутните, но и по некоја солза.

Два часа во кои се актуелизираат традицијата и модерното време на еден уникатен начин, два часа исполнети со бурни емоции и силна порака која успешно беше пренесена од страна на авторката Благица Секулоска и актерската екипа.

Оваа претстава ја импресионираше присутната публика, која не се воздржуваше на крајот при пофалбата со големи овации и многу аплауз.

Фотографии: https://www.facebook.com/pg/TeatarKomedija/photos/

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот