Од Загреб до Бора Бора со автостоп

0

Ана Бакран за три и пол години помина 70.000 километри и 25 држави и со кренат палец и автостоп стигна од Загреб до Бора Бора.

34-годишната загрепчанка го направи она што за многу жени делува невозможно – самата тргна на авантура која траеше повеќе од 40 месеци и стигна до зацртаната цел.

На долгогодишното патување Ана тргнала во април 2013 година и патувала на копно, на море и во воздух (стопирала дури и хеликоптер) и пред околу две недели стигнала до својата финална дестинација – островот Бора Бора во јужниот дел од Пацификот.

Пред почетокот на авантурата многумина ја одвраќале од идејата, ја плашеле, и велеле дека ќе ја силуваат или дека ќе ја убијат, дека не знае што прави.

Ама, се покажало дека среќата ги следи храбрите. Првата година друштво ѝ правеле автостопери коишто ги запознавала по пат, ама последните две години решила да ги продолжи сама.

„Си носев вреќа за спиење, па преспивав на плажи, на ливади, покрај пат, на бензински станици, камиони, во домови на локални семејства, во храмови и џамии“, изјавила Ана.

За патувањето штедела работејќи во својата агенција за дигитален маркетинг и со продажба на правата на дигитални фотографии, ама кон крајот на 2012 година решила да го исполни долгогодишен сон.

Зошто токму Бора Бора?

Ана вели, затоа што се наоѓа на другата страна на светот и затоа што до таму не е воопшто лесно да се стигне автостоп.

Дали би се осмелиле да го направите нејзиниот подвиг?

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.