Од што се плашиме?

0

Слично како и другите човечки емоции, стравот може да биде мал, среден или интензивен страв во зависност од индивидуата и околностите каде што се појавил стравот. Фобијата е ирационална реакција за одредени предмети или ситуации. Лицата со фобија чувствуваат силна потреба да го избегнуваат изворот на анксиозност и иако сфаќаат дека стравот е неоснован, сепак не успеваат да го надминат. Непријатните физички симптоми како забрзување на пулсот, треперење, чувство на мачнина, потење, сушење на устата, забрзано дишење, болка во пределот на градите или потреба за бегство се само дел од придружните симптоми на фобиите.

Кои се најчестите фобии меѓу светската популација?

Акрофобија (Вертигофобија) – страв од висина

Екстремниот и ирационален страв од висина е особено честа појава. Околу 2 до 5% од луѓето страдаат од акрофобија, а поголем дел од нив се припаднички на понежниот пол.

Аерофобија – страв од летање

Патувањето со авион не е воопшто привлечна идеја за луѓето кои ја имаат развиено оваа фобија. Паничните напади може да се јават при самото полетување или приземјување на авионот, како и при турбулентни летови.

Клаустрофобија – страв од затворени мали простории

Луѓето со оваа фобија ги избегнуваат лифтовите, тесните ходници и собите без прозорци. Посетата на истите резултира со паничен напад и чувство дека личноста е фатена во стапица и не постои начин да се избега.

Аклуофобија – страв од темнина

Стравот од темнината најчесто се јавува кај децата, но не е мал бројот на возрасни кои се плашат кога се во темен простор. Во некои случаи стравот од темнина може да доведе и до несоница.

Арахнофобија – страв од пајаци

Специфичната фобија која опфаќа страв од пајаци е широко распространета, „погодувајќи“ дури 50% од женската и 10% од машката популација. Лицата со арахнофобија се чувствуваат непријатно на места на кои веруваат дека има пајаци или кога во нивна близина има пајажини.

Кинофобија – страв од кучиња

Абнормалниот страв од кучиња принудува многу лица да го лимитираат контактот со сопственици на кучиња и да ги избегнуваат местата на кои знаат дека можат да ги сретнат овие животни.

Хемофобија – страв од крв

Лицата кои страдаат од хемофобија не поднесуваат крв и во посериозни случаи доаѓа до несвестица при контакт со истата.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот