Ни Валентин ни вино ни романтика… Сакам пиво и пржени компирчиња

0

Што да прави сингл девојка за Валентин додека сите трчкаат со плишани мечиња, рози, вино и срценца во рацете? Да се скрие затоа што сите ја гледаат со сожалување и поглед во очите кој вели „Eј, сама си“ или да ги облече чевлите со највисоки потпетици (за самодоверба) и да се прошета гордо меѓу сите парови, па со насмевка да им покаже – да, сингл сум и убаво ми е.

Во времето на стереотипи, како да избегаме од нив? Како да живееме без целата онаа фама дека за Денот на вљубените (кој, на крајот на краиштата и не е наш празник) МОРА да имаме партнер што ќе не сака, ќе не одведе на вечера, што ќе ни пее серенади, ќе ни раскажува љубовни стихови? Не сакам да се чувствувам неубаво само затоа што немам партнер. Не сакам да ме гледаат „попреку“ затоа што нема кој да ме фати за рака и да се прошета со мене во градот полн со заљубени двојки.

Сакам кога некој не мора да ми „глуми“ заљубеност во денот кој барем мене ми е како и сите други. Сакам гербери, сакам пиво, сакам пржени компирчиња. Не ми нудете вино, рози и пица во форма на срце… не сме сите создадени за тоа.

Целата еуфорија денес ме потсети на ланскиот Валентин, кога ми се јави другарка ми и вели: „Му свртев на Новица… Кашла, кива, го гребело грло, ќе одел на лекар… Ме извади од такт… Му реков: „Слушај, Новица, кажи дека не ти се излегува за Валентин, не ми глуми лудило“ и му ја спуштив слушалката. Не сме од вчера, не сме деца, не мора да си играме. Ќе му раскинам“.

Слушајќи ја неа сфатив дека е убаво е да си сингл девојка за Валентин. Убаво е да си сингл и за Нова година. Убаво е да немаш партнер ни за роденденот. Убаво е кога ти сакаш така. Убаво е да немаш притисоци од околината дека мора да имаш некој покрај себе, дека мора да имаш деца, обврски, да правиш ручек, да бидеш домаќинка.

А најубаво од сè? Најубаво е да го живееш животот како што сакаш, да уживаш во тоа што го сакаш и со кого сакаш.

Јас за вечерва го избрав најдоброто друштво – себеси! Ни Валентин, ни вино, ни романтики. Ќе си купам пиво, ќе си испржам компирчиња и ќе пуштам музика. Не тивка и романтична, туку гласна.

Ќе славам – и себе, и животот, и среќата, и убавината на денот. Затоа што секоја сингл девојка заслужува да е среќна. Според своите сопствени правила.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот